Уметникот Зоран Попоски награден во САД

Македонскиот ликовен уметник Зоран Попоски е добитник на деветтото издание на престижната меѓународна награда Артслант, во категоријата нови медиуми.

Жирито составено од водечки галеристи од Њујорк, Сан Хуан и Мајами, му ја додели наградата на Попоски за неговото глич-гиф дело “Борач” (2016), базирано врз негов цртеж од серијата Теорија којшто е базиран врз мурал на Делакроа.

Артслант е водечка светска уметничка мрежа со седиште во Њујорк. Попоски е единствениот македонски уметник добитник на оваа награда.

Наградата за Попоски доаѓа по неговото претходно успешно претставување годинава на уметничкиот саем Арт Базел Хонг Конг, најголемиот настан од областа на современата уметност во Азија и еден од најзначајните во светот, како и на еден од најголемите меѓународни фестивали за современа уметност во Централна Европа, АртСтејс во Словенија.

Зоран Попоски (р. 1974, Скопје) има изложувано на повеќе од 70 меѓународни изложби и фестивали, заедно со водечките имиња од современата светска уметничка продукција како Герхард Рихтер, Алора и Калзадија, Нам Џун Пајк, итн.

Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Линц и Њујорк и докторирал студии на културата во Скопје. Во своите дела Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.