ДОДЕЛЕНИ МЕЃУНАРОДНИ НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА ЗА ЧЛЕНОВИ НА ДЕТСКОТО ЛИКОВНО СТУДИО „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“

Во присуство на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и градоначалникот на Битола, м-р Наташа Петровска, во детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, беа врачени меѓународни награди и признанија за покажаните успеси на учениците – членови на детското ликовно студио.

Наградите се освоени минатата година на фестивали во Полска, Чешка, Бугарија, Романија, Јапонија, Португалија и Индија. Министерот Алаѓозовски нагласи дека, на овој начин, преку ова студио и низ манифестацијата „Мал Битолски монмартр“, генерации деца создаваат, влегуваат во светот на уметноста, а тоа ја прави манифестацијата од непроценливо богатство, затоа што истата претставува бренд преку кој Македонија и Битола се препознатливи на светската мапа.

Градоначалничката Петровска, рече дека ова студио е место каде уметноста се сплотува со младоста, а токму младите уметници се фиданката на која Битола треба да се потпира во делот на културата. Раководителот на детското ликовно студио, Коста Хаџиантоновски, на денешниот настан, изразувајќи ја својата радост за постигнатите резултати, кои и овојпат се многу значајни, нагласи дека, токму годинава одбележува шест децении од своето професионално ликовно творештво.