ДОМ согласен за една изборна единица, но со одредба за 50% жени и мажи на листите

ДОМ во поглед на изборниот модел се согласува со една изборна единица, но предлага Изборниот законик да се промени и со одредба за 50% жени и мажи на листите.

„Ова е главна поента на кампањата на Форумот на жени на ДОМ, започната на 8 март годинава. Истовремено, ова е и заложба на Обединетите нации, како препорака до сите земји, за да се постигне родова рамноправност“, велат од ДОМ.

Според оваа партија, изборниот модел со една изборна единица ќе придонесе за демократизација на општеството.

„Тоа значи поправедна распределба на пратеничките места на повеќе политички субјекти, без изгубени гласови. Тоа води до пошаренолика политичка сцена и намалување на длабокиот јаз помеѓу двете најголеми опции. Владите што би се формирале би биле  похетерогени, со поголема демократичност, толеранција и слух за потребите на различни општествени групи“, сметаат од ДОМ.

Од друга страна, отворените листи, според ДОМ, значат слобода на избор на граѓаните при гласањето, зашто ќе се цени и личноста, а не само партијата.