Европратениците Вајгл, Ховит и Кукан повикаа на воздржување од тензии

Европарламентарците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Иво Вајгл, по настаните од саботата и неделата во Куманово повикаа на смиреност и воздржаност, како и на продолжување на политичкиот дијалог во земјата.

„Длабоко сме загрижени за настаните кои се случија во Куманово викендов. Ги осудуваме сите чинови на насилство против јавниот ред, како и обидите да се дестабилизира состојбата во земјата“, порачаа тројцата европратеници, кои се и медијатори во преговорите помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ, посветени на разрешувањето на политичката криза и воспоставувањето на политичкиот дијалог во земјата.

„Би сакале да им изразиме сочувство на семејствата на луѓето кои го загубија својот живот овој викенд. Овие настани треба да бидат одговорно и транспарентно истражени, во согласност со владеењето на правото. Исто така би сакале да ја повикаме македонската јавност да не дозволи понатамошна ескалација на тензиите. Ги повикваме политичките лидери во земјата да се однесуваат одговорно и да се воздржат од дејства или изјави кои би можеле да ја поткопаат стабилноста на земјата. Уште еднаш потенцираме дека сите обвинувања кои беа јавно искажани треба да бидат истражени и  тие за кои ќе се утврди дека се виновни да бидат повикани на одговорност, во согласност со почитувањето на принципите на транспарентноста, непристрасноста и пресумпцијата на невиност“, порачаа Вајгл, Кукан и Ховит.

„Исто така ги повикуваме политичките партнери да продолжат со своите одговорност и да ги зголемат напорите за да воспостават политички дијалог на највисоко ниво, со цел да се реши политичката криза во земјата. Подготвени сме да продолжиме со нашата поддршка за посредништво во дијалогот, кој би довел до намалување на политичките тензии и би се осврнал на слабостите на политичкиот систем во земјата. Во наш заеднички интерес да ја видиме Македонија назад на патот на евроатланските интеграции“, заклучија тројцата европратеници./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.