Фестивал на книгата во Новаци

По повод 23 април Светскиот ден на книгата а воедно месец април е месец на светската литература , во општина Новаци денеска се одржа Фестивал на книгата.

Проектот има за цел да придонесе размена на американската и македонската култура преку промоција на две детски книги кои носат симболичен наслов „Сакај го местото каде живееш :Мост меѓу две срца “ книга 1 и книга 2 .

„Овие книги се создадени од 80 тина деца – автори и илустратори од двете држави Македонија и Америка  со основна цел поттикнување на  детското творештво со промоција на местото каде што живеат. Општината ќе продолжи и понатаму да ги поддржува и помага ваквите настани затоа што на тој начин се збогатува социјалниот живот на населението во руралните средини каква што е и општина Новаци. “ рече градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски.

Двете детски книги во себе ја носат следната порака:

„Не молчат далечините, тие зборуваат преку книгите, а ние добиваме мултикултурен капацитет.“

Во рамките на Фестивалот на книгата ќе биде претставена културата на државата Ајдахо, потоа ќе следува промоција на книгите, ќе биде претставена поезија за деца од страна на гостите од Друштвото на писатели на Македонија а на крајот преку дискусија ќе се разменат искуства и импресии.

На денешниот настан присуствуваа претставници од 6  општини и 25  училишта од државата.

Проектот: „Фестивал на книгата“ е  поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија и Општина Новаци  а го имплементира  Културно иновативен клуб Новаци со партнерство на Хана Траскот, волонтер на Мировниот корпус во Општина Новаци.