Иванов бара поддршка од меѓународната заедница во интерес на стабилноста на Македонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во понеделникот се сретна со амбасадорие на САД, ЕУ, ОБСЕ, НАТО и Турција, на која тој ги информираше за седницата на Советот за безбедност, при што беа разменети информации и мислења за  последните случувања во Куманово и безбедносната состојба во Македонија.

Иванов посочи дека се дадени конкретни насоки за соодветно постапување на сите институции на безбедносниот систем, со цел да се спречи евентуално ескалирање на тензиите и дестабилизација на државата.

Во овој контекст, Иванов уште еднаш ја истакна потребата за поддршка од меѓународната заедница во интерес на стабилноста на Македонија, како и стабилноста и безбедноста на целиот регион. Тој побара да се вложат максимални напори со цел деблокада на евроатланските интеграции.

Последните политички случувања во државата се резултат, покрај другото и на долготрајната статус кво ситуација во однос на евроатлантските интеграции, која остава простор за најразлични обиди за дестабилизација и за разни видови шпекулации. Затоа е потребно, порача Иванов, итно да се изнајдат начини и да и се овозможи напредок на Македонија, на планот на евроатлантските интеграции, а во интерес на севкупните односи во општеството.

Особено е важно да се врати чувството на сигурност и безбедност кај македонските граѓани,  посочи Иванов и истакна дека покрај обединетост на внатрешен план, потребна е засилена регионална и меѓународна соработка за спротивставување и заштита од тероризам, со цел во иднина да се превенираат вакви и слични дејствија. Во тој контекст, побара засилен ангажман и соработка од страна на сите меѓународните фактори во Македонија.

Соговорниците ја поздравија вчерашната седница на Советот за безбедност, како и поканата и присуството на претставници од релевантните политички партии, и посочија дека во моментов е неопходен политичкиот дијалог, со цел да се надминат предизвиците со кои се соочува Македонија./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.