Одложено судењето за Зоран Верушевски

Судењето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, е одложено, поради отсуство на адвокатите, јави репортерот на Макфакс од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Адвокатот на Верушевски, Ангеле Илиевски, имал друго судење, а адвокатот Филип Медарски, е отсутен поради здравствени причини.

Инаку, денешното судење на Верушевски требаше да биде за недозволено држење оружје и распрскувачки материјали.

Обвинението за овој случај Основниот суд Скопје 1 го прими кон крајот на март. Според МВР, при претрес во домот на Верушевски биле пронајдени два пиштола за кои, како што тврдат, не поседувал дозвола.

Адвокатот на Верушевски, Ангеле Илиевски, пак, изјави дека едниот пиштол неговиот клиент го добил во 1983 година, додека вршел службена должност и е регистриран во евиденцијата на МВР и за него не е потребно да се има дозвола. И вториот пиштол бил регистриран, а Верушевски го добил како награда во 1997 година, од тогашниот министер за внатрешни работи Томислав Чокревски.

Верушевски, освен за поседување оружје, е првоосомничен во случајот „Пуч“ заедно со лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи./крај/мф/ффс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.