ОН изрази загриженост поради случувањата во Куманово

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бан Ки-мун, во понеделникот во соопштение за инцидентот во Куманово упати сочувство до семејствата на загинатите и ранетите, истовремено изразувајќи загриженост за случувањата во земјата.

„Генералниот секретар силно ги поддржува повиците на Европската унија и други членки на меѓународната заедница кои ги повикуваат властите и сите политички и други водачи да соработуваат за да се врати стабилноста и целосно да се истражат настаните на објективен и транспарентен начин. Во ова чувствително време, генералниот секретар ги повикува сите да покажат максимална воздржаност и да не прибегнуваат кон реторика или постапки кои би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите“, порачал генералниот секретар на ОН.

Во соопштението од страна на ОН исто така се охрабруваат македонските власти да ги исполнат оценките изразени од Високиот комесар за човекови права од март годинава, за целосна посветеност на основните човекови права, владеењето на правото и создавање на атмосфера за слободно изразување./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.