Почнува вакцинација против сезонски грип

Од 18.10.2017 година, во просториите на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола ќе отпочне вакцинацијата на населението против грип за сезоната 2017/2018.

Вакцинацијата се врши секој работен ден (понеделник-петок) од 07:30 – 18:00 часот. Цената на поединачна доза изнесува 400,00 ден.

Вакцината против грип е незадолжителна вакцина и се дава на доброволна база. Против грип е пожелно да се вакцинираат сите луѓе кај кои не постојат пречки (контраиндикации) за вакцинација. Сепак, постојат таканаречени “приоритетни ризични групи”, на кои посебно им се препорачува редовна вакцинација со вакцина против грип секоја година.

Во оваа категорија спаѓаат:

  • повозрасните лица – вообичаено оние над 65 години,
  • лица со хронични форми на заболувања без оглед на возраста – пред сé:
  • хронични белодробни заболувања (астма, ХОББ)
  • хронични срцеви болести
  • хронични метаболни заболувања (дијабет, гојазност)
  • хронични бубрежни и црнодробни заболувања
  • нарушувања на имунитетот од било каков вид (вродени / стекнати)
  • малигни форми на болест
  • бремени жени
  • деца и помлади лица кои се на долготрајна салицилатна терапија (аспирин) поради некоја друга основна болест.
 

Најдобро е вакцината да се прими пред почетокот на сезоната на грип (октомври, почеток на ноември), за да може организмот да развие имунитет навреме. Не е штетно или недозволено да се прими вакцина и подоцна во текот на сезоната, но тогаш се зголемува можноста човекот да заболи пред да биде заштитен. Вакцината му обезбедува заштита (имунитет) на организмот од вирусот на грип во времетраење од најмногу една година и затоа е потребно вакцинацијата да се повторува секоја година пред започнување на сезоната на грип.