Политичката криза, главна тема на средбите на Попоски со министрите од НАТО

На маргините на состанокот на НАТО во формат „Решителна поддршка“, министерот за надворешни работи Никола Попоски оствари повеќе средби со своите колеги од земјите на НАТО, а главните теми за кои тој дискутираше со колегите беа последиците од политичката криза врз европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Беше изразено сочувство за загубените животи и повредените во нападите кај Куманово, како и загриженоста од присуство и активност на опасна терористичка група во Македонија.

Со министрите за надворешните работи на Грција и Бугарија посебно се разговараше за условувањата кои земјите ги имаат поставено кон Македонија и кои се предуслови за одблокирање на процесот на пристапување кон ЕУ и НАТО.

Со министерот за надворешни работи на Грција беше разговарано за предложените мерки за градење доверба од една страна, како и за наметнатиот спор за именувањето на Република Македонија, кој опстојува како пречка за членство во НАТО и ЕУ.

Со министерот за надворешни работи на Бугарија се разговараше за безбедносните закани и потребата од отворена соработка меѓу сите земји во регионот, како и за условувањата со меѓудржавен договор кој од бугарска страна е истакнат како предуслов за поддршка на патот кон НАТО и ЕУ.

Со сите министри на земји членки на НАТО и ЕУ беа разменети ставови околу ефектите кои ги има долгогодишното одложување на членството во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ  врз Македонија и регионот./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.