Повторно протестен собир пред Влада во 18 часот

Во понеделник, повторно протестен собир најавен како мирен, овојпат пред Владата, одганизира здружението „Протестирам“, а целта е да се оддаде почит на оние кои трагично го загубија својот живот во Куманово и да се повика на одговорност.

„Ги охрабруваме граѓаните да постапат во моментот на жалост соодветно на своите традиции. Поради тоа што е ден на жалост, апелираме за мирно и достоинствено собирање“, се вели во пораката на Facebook страната на здружението.

„Вчера, на 10 мај 2015, во 18 часот во Градскиот парк во Скопје се одржа мировен собир на активистите и граѓаните кои од 5-ти мај секојдневно бараат одговорност од отчовечената Влада предводена од Никола Груевски“, се вели натаму.

„Собирот имаше цел да им оддаде почит на настраданите во Куманово, да изрази солидарност со граѓаните на Куманово, и да упати порака за смирено, трезвено делување во периодот кој следи“, се вели во соопштението, иако дел од учесниците на собирот во саботата во Градскиот парк за медиумите изјавија дека протестираат против „полициската бруталност“.

Порачаа дека „најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре“.

„Ние веќе не чувствуваме страв, туку само гадење од авторитарната власт и нивните мрачни сценарија! Ние бараме мир и правда, а тоа може да се случи само ако тие си заминат! Веднаш!“, велат од таму

Бараат итна оставка и преземање одговорност на целата Влада; итно ослободување на сите активисти притворени од 5-ти мај наваму; формирање на Влада за демократизација на институциите.

„На 11-ти мај 2015, на вториот ден на жалост поради настраданите во Куманово, во 18 часот, ние ќе се упатиме кон зградата на Владата на Македонија со порака за мир и правда. Ќе изразиме сочуство за загинатите и ќе ги повториме нашите барања. На улица ќе бидеме секој ден, до конечна победа.

Нашиот гнев и револт тлее и се таложи со години наназад. Ние сме на браникот против секоја неправда – без оглед дали тоа е системската бруталност, лошите реформи во високото и средното образование, или државниот рекет врз хонорарците. Протестиравме и за слободата на печатот, во поддршка на медиумските работници, и побаравме ослободување на јавниот сервис и негово враќање на граѓаните. Баравме одговорност за уништениот систем на јавно здравство. Континуирано се бориме за достоинствен живот и работнички права и протестираме против грабежот, сиромаштијата и понижувањето на народот!“, додаваат од здружението.

Сметаат дека пред три дена, кога граѓанските протести земаа замав и се проширија низ повеќе градови во државата, во Куманово се случи вооружен инцидент. Граѓаните што ги следат настаните, меѓу нив и жители на Куманово зборуваат за контрадикторности, недоследности и манипулации и според кои постои голем сомнеж за природата на настаните во Куманово. Во официјалната верзија за вооружениот инцидент граѓанскиот сектор увиде големи пропусти при што бараме да се одговори на мноштвото прашања кои ги бараат сите гласови во општеството поради загубата на животи и загрозување на општата безбедност, додаваат од „Протестирам“.

По објавувањето на опозициските `бомби` од прислушкувани телефонски разговори на високи владини функционери, во кои наводно се откриваат криминали на власта, во врска со случајот Мартин Нешкоски, смртта на Никола Младенов и друго, пред Владата, подоцна и пред Собранието, секој ден се организираа протести.

Првиот ден се случи и судир меѓу демонстрантите и полицијата, при што имаше и повредени и приведени.

Протестите продолжија секој ден, а се проширија и во другите градови, како Прилеп, Охрид, Струмица, Куманово./крај/мф/бб

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.