Претседателот на Судскиот совет без коментар за снимките за местењето на судии

Новоизбраниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски не ги коментира снимките коишто ги објави опозицијата, а во кои наводно власта договара избор на судии, пресуди.

„Не би коментирал. Има многу прашања кои вие медиумите ги поставувате за некои содржини кои јас не би ги коментирал, дали истите се автентични или се нерелевантни.  Не би ги коментирал сè со цел да се почитува пресумпцијата на невиност, а во исто време за истите наводи и евентуални повреди на законот нема правна завршница. Ве известувам и ве уверувам дека ние во Судскиот совет нема да подлегнеме на никакви политички предизвици кои се наметнуваат дали за дневно политички потреби или по различни поводи и цели и се надевам дека вие новинарите ги препознавате таквите цели. Ние нема да дозволиме да влијаат во работата на судството“, рече Ушковски.
Ушковски се осврна и на коментарите во јавноста по неговиот избор дека тој нема ниту еден ден работно искуство како судија и се пофали дека е еден од авторите на првиот прирачник за правосуден испит во Македонија.

„Имајте во предвид дека Судскиот совет има друга надлежност за разлика од судовите. После претходниот претседател имам најголемо искуство како член на Судскиот совет. Во 1997 година јас сум еден од авторите на првиот македонски прирачник за полагање на правосуден испит кој поради голема побарувачка имаше и дополнително издание“, рече Ушковски.

И покрај снимките коишто ги слушна јавноста, тој останува на неговиот став дека најголемиот дел од судиите професионално, чесно и одговорно ја извршуваат својата функција, а тоа се покажало и со денешниот извештај за работата на судовите во 2014 година којшто беше на дневен ред на седницата на Судскиот совет.

„Патот на членовите на Судскиот совет во законско имплементирање на оваа област не е ниту краток , не е ниту лесен, ниту брз. Истиот е долг, тежок и исполнет со многу предизвици. Бевме и сме изложени на многу критики, дел се добронамерни, незаслужни, меѓутоа секогаш ни даваат верба дека сме на правиот пат“, рече Ушковски.

Во изминатите години се отстранувале сите недоследности кои се јавувале во судската власт. Тој наброја некои од законските решенија кои ги презеле за отстранување на недостатоците во судството.

Според него, за да се обезбеди непристрасност и влијание во доделувањето на предметите, од пред пет години предметите се доделуваат автоматски.
Тој го спомена и тонското снимање на рочиштата, иако речиси за сите рочишта во судовите нема услови за тонско и визуелно снимање.

Ушковски објасни дека за судија во Основен суд  може да биде избран судија со најмалку две години искуство и завршена обука на Академијата на судии и јавни обвинители. За Судија во Апелациониот суд може да биде избран судија со четири години искуство, а во Врховниот суд се избираат судии со шест години работно искуство.

„Нема никакви политички влијанија и ние никогаш нема да дозволиме да има“, тврди Ушковски.

Но во разговорите кои што ги презентираше опозицијата, наводно досегашната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска договара избор на судии по партиска линија, и се јавува на секретарката на премиерот Никола Груевски за да го извести дека распишале оглас за избор на судии.

Во друг разговор наводно директорот на УБК, Сашо Мијалков и се јавува на судијката Софија Лаличиќ и на Светлана Костовска и ги известува дека се избрани за судии, а поранешниот републички јавен обвинител, Љупчо Шврговски наводно бара да се вработи синот на претседателката на Апелација, Љупка Арсениевска во Обвинителство.

Опозицијата обвини дека Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска диригирале со одлуките кој ќе биде назначен за судија, за обвинител, како да се среди некоја пресуда.