ПУШТЕНИ ВО УПОТРЕБА ПАТОТ ЗА СЕЛО ЛАВЦИ И ПОВЕЌЕНАМЕНСКО ИГРАЛИШТЕ

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и гррадоначалникотна општина Битола  го пуштија во употреба реконструираниот, проширен и рехабилитиран локален пат кон селото Лавци и новото повеќенаменско спортско игралиште во ОУ „Даме Груев“-Битола.

Новиот асфалтен пат е во должина од 758 метри, инвестиција финансирана со средства што Владата ги обезбеди од Европската банка и во соработка со општина Битола, рече министерот Ивановски на промотивниот настан во овој град.

„Новиот пат е изграден со заеднички средства на Владата на Република Македонија и општина Битола. Жителите на Лавци овој пат го бараа подолго време и затоа беше составен дел на владината и општинската програма на градоначалникот Талески. Владата обезбеди 5,5 милиони денари, а останатите 2,3 милиони денари ги обезбеди општината. Секогаш кога општините, градоначалниците, имаат добри проекти, тогаш Владата излегува во пресрет и помага со цел да се развие патната инфраструктура во Република Македонија, а со тоа и економијата бидејќи инфраструктурата е еден од најзначајните сегменти за развој на економијата во урбана или рурална средина“, рече министерот Ивановски.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, во придружба на директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот Владимир Талески, денес во основното училиште „Даме Груев“ го пуштија во употреба и новото повеќенаменско спортско игралиште.

„Во ова училиште изучиле и врвни спортисти, познати фудбалски легенди кои израснале во ОУ „Даме Груев“, а настапувале и за државната репрезентација. Време беше да се направи модерно повеќенамснко игралиште, а во Битола ќе се градат и други вакви објекти бидејќи заложбите на Владата се да им се овозможи на младите повеќе да тренираат, да водат здрав живот и да имаме наши амбасадори кои преку спортот ќе ја претставуваат Република Македонија во светот“ рече Ивановски.

Повеќенаменското спортско игралиште во ОУ „Даме Груев“-Битола е во рамките на проектот на Владата на Република Македонија за „Изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта“ кој го реализираат Агенцијата за млади и спорт и локалните самоуправи, и е 19-то по ред целосно изградено игралиште, а наскоро свечено во употреба ќе бидат предадени уште 35 повеќенаменски спортски терени низ државата, потври Марјан Спасески, директор на Агенцијата за спорт и млади.

Во општина Битола во завршна фаза е изградбата на 3 тениски терени, а до крајот на 2018 година во градот ќе бидат изградени уште 4 тениски терени со што ќе биде заокружен процесот на изградба на капитални спортски терени во оваа локална самоуправа.

„Со владината, и поддршката на Агенцијата за спорт и млади, нашата програма е проширена и надградена. Во изминатиот период во општина Битола изградени се над 20 спортски терени, 3 спортски сали, тениски терени и интервенции врз помошниот и градскиот фудбалски стадион. Најновиот проект, повеќенаменското спортско игралиште е голема придобивка, и за мене носталгично навраќање на времето кога тука учев и кога ги немавме потребните услови за спортување како што тоа сега го имаат денешните генерации, и затоа им помагаме да се развиваат, едуцираат и да постигнат врвни спортски резултати“, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.