СДСМ: Урковци го криеле убиството на Нешкоски и од Јанкулоска

Тогашниот шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, Дејан Митровски – Урко и неговите соработници, два дена молчеле за деталите за убиството на Мартин Нешкоски на плоштад, ноќта по изборите на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, од полицаецот на должност Игор Спасов.

Ова беше обелоденето со 29 `бомба` на опозицијата, објавена во вторник, преку наводните разговори меѓу, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, нејзиниот помошник, Иво Котевски, директорот на УБК, Сашо Мијалков, шефот на кабинет на премиерот, Мартин Протуѓер и премиерот Никола Груевски.

„Од аудио доказите ќе слушнете признание лично од Сашо Мијалков дека убиството на дваесет и едногодишниот Мартин Нешкоски го извршил Игор Спасов, полицаец на должност. а не физичкото лице Игор Спасов“, најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во разговорите се слуша, како за помошникот на Јанкулоска, Иво Котевски, новинарите се таленти, идиоти, што прашувале за убиено момче на плоштад, како се барале начини за убиството да не известуваат медиумите…

Во наводен разговор меѓу Јанкулоска и Котевски се слуша: „Велат дека Алфите убиле дете, а тој е починат, од смрт, нема траги од насилство, на плоштад…“, „Нека дојде нека даде изјава… денес е победнички…“

Во наводен разговор меѓу Јанкулоска и Протуѓер, тој бара да одговорат „за некое дете што било убиено на плоштад…“, „Одговоривме, нема такво нешто, од обдукцијата нема траги на насилство… не е ни пријавено… тој наркоман бил изгледа…“

Според описот од очевидци, убиецот е крупен, набилдан со тесна бела маичка и со тетоважа на раката, па Јанкулоска го прашува Котевски на кој ти личи дека е … додека од друга страна Урко им кажува дека убиениот е најверојатно наркоман кој е апсен три пати…

„Од Сашо Мијалков ќе слушне признание дека полицаецот бил на должност кога го извршил делото…За Јанкулоска најарно било власта да ги со тера она што го правеле вчера, мислјќи на апсењето на Бошкоски. Урко и признава на Јанкулоска дека случајот се прикривал два дена“, го најави Заев следниот сет разговори.

Тој исто така, рече дека од разговорите многу битно е што се слуша признание дека во МВР постои паралелна безбедносна структура раководена од обезбедувањето на Груевски.

Наводно Мијалков на Јанкулоска и одобрува дека слободно може да каже дека е расчистен случајот, дека тој е припадник на алфите и бил на должност, го обезбедувал просторот, „го удрил незгодно и починал, некој џанкер е убиениот…“, а Јанкулоска бара „да се спомне дека имал нарушено здравје“, „џанкер, неџанкер, тоа е негова животна определба, но за тоа не треба да се убие“.

Во еден од разговорите меѓу наводно Јанкулоска и Протуѓер, тој вели „Детево наш член било од Карпош…“. За да објасни Јанкулоска од кого наводно Спасов добил усна наредба да дојде на плоштад без униформа вели „на кого може усна наредба да му издадат урковци на единица чиј припадник не си… дошол малиов во Дом на АРМ, сакал да влезе, и после го видел тој, детево се сопнало и овој го утепал од ќотек. Љубе ни пропадна ради ова… уште некој јак ќе собереме… се нервирам што таму на некој малоумен не му текнува дека не можеш убиство да скриеш…“

„Два дена чекале да видат што да прават…. и јас му реков дека брза помош ќе викневме,… овој изјава дава дека не го тепал, а овој збумбарен не се препознава кој е… Тој Хитлер од кај вас, Урко ми кажа, дека не сакал да каже дека го пратил таму…“ што барал овој од специјална таму…. Урко го викнал, што барал… дека приватно бил таму…. кажавме со усна наредба“.

Котевски ја информира Јанкулоска дека Спасов ја повлекол изјавата и не сака да попише, вели дека не е тој сторителот „од беља у беља, сега се прави овој на будала јас не сум… испаѓа дека сме лажеле ајде сам се пријавил…нели очевидциве викаа крупен, а не е крупен Игор Спасов… дали има тетоважа… не ми текнува дали го видов на плоштад… единствено позитивно е што имаме кој е сторител и обезбеден е , ама ако немаме аргумент да го пријавиме, овие медиуми што нè бранат ќе немаат аргумент…прво рекол дека му паднало детето од раце… после го удрив, еднаш…не сака да потпише изјава… не е олеснителна околност што се пријавил, мора да останеш до него да му пружиш помош, немаме службена белешка… на кој му се пријавил, на старешина, ај од специјалците е не можеме да го кажеме…усна наредба, нема усна наредба без униформа… подобро да признае … да земама да го задевам… поарно подоцна да му средуваме, а не мајмуни да нè прави.. малиов крадел пијачки од шанк… многу е глупаво… не треба да го убиеш и да крадел…многу подобро ќе беше од СДСМ некој во МВР утепал член на ВМРО-ДПМНЕ“.

Според објавените прислушувани разговори се дознава дека Игор Спасов бил на должност во Куманово, каде требало да остане до 22 часот, а потоа му се јавил Урко, што и признал на Јанкулоска, да дојде на плоштад.

„Не само Јанкулоска, Протугер, Котевски, Мијалков туку и Груевски знаел сè за убиството… Груевски диктира како да заврши случајот, а дека обезбедувањето негово нема врска“, рече Заев.

Во наводен разговор со Груевски тој вели „ти категорично кажи дека не работи за обезбедувањето на премиерот, туку е од „тигрите“… не бил службено и приватно дејствувал…“

Одговорност мора да поднесе обезбедувањето на Груевски и лично Груевски. Не дозволувајте да бидете жртвени јагниња на Никола Груевски. Ве повикувам заедно да се избориме за слобода и демократија.

Полицаецот Игор Спасов беше осуден на 14 години затвор. Вистинска драма во судницата предизвика завршниот збор на обвинетиот Спасов. “Не сум убиец. Со чисто срце можам да кажам дека не сум убиецот на Мартин”. Тогаш реагираше мајката на починатото момче: ”Кажи кој е, кажи”, велеше таа, но Спасов не одговори.

„Ако ви треба обвинет тука сум стојам пред вас, но ако барате виновник не гледајте во мене”. /крај/мф/бб

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.