Се опоравуваат ранетите полицајци

Уште 29 полицајци кои учествуваа во вооружената акција против терористите во Куманово во саботата, се наоѓаат во болниците во Скопје, и сите се во стабилна здравствена состојба, информираат до Министерството за здравство.

На Хируршките клиники во Скопје, во моментов, се згрижени 20 пациенти и сите се во стабилна здравствена состојба. Исто така, во Градската општа болница „8 Септември“ се згрижени девет припадници на безбедносните сили, сите се во добра здравствена состојба и се очекува во тек на денот, најмалку двајца пациенти да бидат пуштени на домашно лекување“, се вели во соопштението од Минситерството за здравство.

Во текот на претходните два дена, во скопските болници беа пренесувани ранетите полицајци од вооружената акција во Куманово. Потешко повредените беа носени на Хируршките клиники, а оние полесно повредени во ГОБ „8 Септември“.

Од згрижените полицајци, најмалку еден им подлегна на повредите во болница.

Во акцијата во Куманово, за разбивање на терористичка група од најмалку 40 луѓе, загинаа осум припадници на специјалната единица „Тигри“, додека кај терористите имаше 14 жртви.

Дел од теористите по 28 часови борба им се предадоа на македонските безбедносни сили./крај/мф/бб

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.