„СВЕТИ НИКОЛА ТОПЛИЧКИ“ Е ВО АЛАРМАНТНА СОСТОЈБА

Покривните герамиди на манастирот Свети Никола Топлички каj с. Слоештица, демирхисарско, се трошни и се распаѓаат. Покривот прокиснува и од северната страна тече вода врз внатрешната страна од ѕидовите и врз фреските. Влагата неповратно го подјадува и го уништува непроценливиот фрескоживопис, малтерот паѓа, фреските се распаѓаат. Потребни се итни поправки на кровната конструкција како и заштитно конзерваторски активности со цел, колку е можно да се спаси богатиот фрескоживопис и манастирската црква.

Вака изгледа описот на сликата за денешната состојба на манастирската црква Свети Никола Топлички, еден од најважните и највредни културно – просветни духовни центри во Демир Хисар и во Македонија.

– Состојбата е алармантна и мора да се преземат итни и неодложни активности за да се спаси натамошното уништување на ова светилиште – рече градоначалникот на Општина Демир Хисар Љупчо Блажевски на чие барање увид изврши стручен тим на Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола што лично го предводеше директорката Лилјана Христова.

Најшокантна е состојбата со дел од фреските на северната страна од внатрешноста на црквата коишто заради големата влага и прокиснувањето на покривот, сами од себе и од вообичаенотo струење на воздрухот, се ронат и се распаѓаат.

– Ќе направиме сè и што е можно поскоро, да испратиме стручен тим за да изврши превентивна заштита на овој дел од фрескоживописот за да се спречи натамошното уништување – рече директорката Христова и се нафати дека битолскиот Завод под чија заштита е овој споменик на културата, многу брзо ќе интервенира.

На средбата присуствуваше и Љупчо Малевски, вработен во каменоломот на „Гранит“ и член на Манастирскиот одбор кој рече дека Одборот финансиски е подготвен да поднесе дел од финансиските трошоци за заменување на трошните ѓерамити и многу скоро до Заводот ќе поднесе проект за реконструкција на покривот. Паралелно со овие активности, ќе се интензивира и постапката за изработка на проект за дренажирање на подземните води со што ќе се спречи ширењето на влагата и натамошното уништување на фрескоживописот.

Манастирот Свети Никола Топлички кај Слоештица, по староста и живописите посебно се издвојува од другите манастири и манастирски цркви во демирхисарскиот регион и пошироко. Изграден е во 14 век и со сигурност се знае дека во 1537 год. повторно е изведен живопис во внатрешноста на цркавта. Низ вековите манастирот бил не само религиозен туку и културен, просветен и книжевен центар. Во манстирските конаци се одвивала плодна преведувачка, препишувачка и оригинална книжевна дејност.

Манастирот е под заштита на Управата за заштита на спомениците на културата и е реставриран пред 15ина години. Своевремено, манастирот со својата убавина и живописно опкружување беше едно од најкултните туристичко излетнички локалитети во општината Демир Хисар каде што на поголемите верски и државни празници се собираа илјадници граѓани и верници од сите краишта на земјава. Но со отворањето на рудникот за варовник и изградбата на големото депо на градежната компанија „Гранит“ во манастирскиот атар, а со дозвола на црковните власти, животот на ова духовно – просветно и религиозно светилиште целосно замре.