Театарски перформанс во режија на Нина Николиќ на 7-ми мај во Битола

Како дел од прославата за 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, ќе биде и театарскиот перформанс во режија на Нина Николиќ, а кој ќе биде изведен во рамки на концертот „Еден ден на војната“ на 7-ми мај во Битола на Широк Сокак со почеток во 19:30 часот.

Нина Николиќ е млада режисерка чии поставки се познати и надвор од Македонија. Особено голем успех бележи со претставата која е во копродукција на Македонскиот народен театар и Скопје филм-студио, „Разговори во четири очи“. Со оваа претстава беа срдечно пречекани и во Русија – првото гостување се случи на крајот на минатата година во Санкт Петербург, а второто беше во февруари оваа година во градот Чељабинск.

„До гостување во Русија дојде така што бевме селектирани на два меѓународни фестивала „АртОкраина“ и „ЧелоВек театра“ за кои имаше отворена апликација. Откако уметничките совети и селекторите на двата фестивала проценија дека нашата претстава ги задоволува потребните уметнички и програмски критериуми отпатувавме во Русија. Руската публика има посебна почит кон театарските уметници и кон она што се прикажува на сцената, така што претставува посебно убаво искуство да се настапува таму. Претставата беше одлично прифатена и реакциите на оние со кои имавме можност да продискутираме нѐ направија горди и среќни“ – вели Нина Николиќ.

За 7-ми мај, заедно со Катина Иванова, Дарја Ризова и Благој Веселинов подготвија краток приказ за херојството на македонските партизанки во НОБ. „Еден ден на војната“ закажан за 7-ми мај во Битола е во организација на Амбасадата на Руската Федерација и Почесниот руски конзулат во Битола.