Во првиот круг избрани градоначалници на 45 општини, втор круг во 35

Четириесет и пет општини добија градоначалници по првиот круг од локалните избори што се одржаа вчера, а во 35 ќе има втор круг на 29 октомври.

Во првиот круг избрани се градоначалници на Аеродром, Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Гевгелија, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Илинден, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Куманово, Лозово, Маврово – Ростуше, Неготино, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласница, Прилеп, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Центар, Центар Жупа, Чучер Сандево и на Дебарца.

Втор круг ќе има во Боговиње, Брвеница, Бутел, Виница, Врапчиште, Гази Баба, Гостивар, Градско, Дебар, Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Долнени, Желино, Зрновци, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Липково, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Новаци, Сарај, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Чаир, Чашка, Чешиново – Облешево, Штип и во Шуто Оризари.

СДСМ во првиот круг освои 37 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ три, ДУИ две, Демократската партија на Турците едно и во две општини победија независни кандидати.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се натпреваруваат во вториот круг во 19 општини, ДУИ и Алијансата за Албанците ќе се натпреваруваат во пет, ДУИ и БЕСА во седум, во една општина ќе се соочат независен кандидат и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во една ДУИ и СДСМ, во една СДСМ и Сојузот на Роми и во една ДПА и БЕСА.

Сè уште е неизвесно дали ќе биде избран градоначалник на Скопје во првиот изборен круг. Кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов по преброени 96,79 проценти од гласовите води пред противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски со 50,27 наспроти 36,01 проценти од освоените гласови. Останува да се пребројат гласовите од уште 22 избирачки места по што ќе се знае дали Скопје ќе добие градоначалник во првиот круг или ќе има втор круг на 29 октомври.