За Заев дијалог без посредништво не е можен

СДСМ никогаш не бегал од дијалог, но дијалог за политичката состојба во Македонија е можен само со посредство на меѓународната заедница, смета  лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој одговори на новинарско прашање за тоа кои се неговите очекувања од дијалогот во Брисел.

„Никогаш СДСМ не бегал од дијалог, но притоа мора да знаеме дека буквално е невозможна мисија да се воспостави дијалог без посредништво на ЕУ и меѓународниот фактор. Не би сакал да ги коментирам однапред нашите очекувања. Нашите ставови се јасни. Граѓаните знаат зошто не сме во Собранието, сакаме да дадеме шанса на дијалогот но не би влегувал во деталите“, рече Заев.

Прашан за хациендата во Грција, за која објавија некои медиуми во Македонија дека е во сопственост на Заеви и дека е купена по `багателна` цена, Заев вели дека тој нема имот надвор од Македонија.

„Јас немам имот во Грција. Се што имам ми е тука, во Македонија. Не би сакал да коментирам сопственост на мои први братучеди. За имотот на роднини и пријатели нив ќе ги прашате. Но, да се знае, пола од врхушката и перјаниците на власта имаат имот во Грција, јас немам“, изјави Заев
Заев нагласи дека е многу задоволен што поддршката од сите етнички заедници за проектот „Вистината за Македонија“ се зголемува и дека се ќе се објави во вистинско време, без разлика кој за што е заинтересиран.

На прашање дали ќе има храброст да ги погледне во очи соработниците ако евентуално се докажело во истражна постапка дека не ја кажувал вистината, Заев одговори дека за се има доказ.

„Зарем мислите дека јас без доказ кој тоа го правел и како е организирано ќе водам еден ваков процес за слобода на Македонија? Немам никакви резерви кој тоа го правел. Како политичар секогаш сум спремен да понесам одговороност ако има такво нешто. Се ќе биде објавено и за пописот, Монструм, Никола Младенов. Се е важно. Имаме докази и за тоа што се се правело со пописот“, рече Заев

Според него, ситуацијата во Македонија апсолутно се променила, па граѓаните кои се плашеа да го кажат името на Мијалков, сега слободно разговараат.

„Денеска во Македонија храбро се зборува, секаде се коментира, чувството дека се чека најголемата придобивка на демократијата-слободата е чувство кое е вградено во сите нас и во сите кои се борат за слободно и и демократско живеење. Само дрскоста и безобразлукот на Груевски не се менува засега, но и тоа ќе се смени“, додаде Заев.
Според Заев повеќе од 70 проценти од материјали се за луѓе кои не се од власта или директни соработници на власта, само еден дел се./крај/мф/бб

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.