„ЦЕРМАТ“ ДОМИНАНТЕН СОПСТВЕНИК НА ФК ПЕЛИСТЕР

Реномираната битолска компанија Цермат, официјално е новиот доминантен сопственик на ФК Пелистер. Одлуката доаѓа после повеќемесечните обиди да се избере најповолен понудувач кој ќе овозможи нова сила за Пелистер.

„На големо задоволство доминантен сопственик е нашиот угледен стопанственик кој што е денеска со нас. Тој прифати директно да влезе во фудбалскиот клуб. Најдобрата понуда ја формулиравме на следниот начин:Тој понуди 6 години да стопанисува со ФК Пелистер, а за првите 4 побара помош од општина Битола. Неговиот влог е околу 390 илјади евра, а нашата поддршка останува следните четири години и ќе се движи до 8 милиони денари. Од сите понуди тоа беше најдобрата и ние како општина прифативме да го поддржуваме клубот и остануваме со 25% од акциите, а 75% ги зема Цермат. На овој начин создадовме услови за врвен фудбал“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, нагласувајќи дека на овој начин започнува една нова страница во спортот во Битола.

Доминантниот сопственик „Цермат“ нагласи дека во идниот период стратегијата на компанијата ќе биде насочена кон издигнување на ФК Пелистер кон врвот, негово враќање на местото кое го заслужува и надминување на сите досега постигнати резултати.

„Пелистер оставил голема трага во фудбалскиот живот во Македонија. Следната година е еден голем јубилеј 70 години ФК Пелистер. Ќе се потрудиме да ги постигнеме и да ги надминиме сите досегашни успеси на Пелистер. Немојте да очекувате дека од утре работите ќе се сменат 100% и дека одеднаш ќе ги решиме сите натрупани проблеми. Ние ќе почнеме да работиме и само со работа и работа ќе постигнеме големи резултати.

Како мотив за успешен европски Пелистер треба да ни биде Лудогорец. Посебен акцент ќе ставиме на младите. Неможе да има еден голем Пелистер без подмладок. Сериозно ќе вложуваме во младинската школа, а секако очекуваме и максимална соработка со оние без кои не може клубот, навивачката група „Чкембари“, рече на денешната прес конференција, Зоран Ристевски, сопственик на компанијата „Цермат“ од Битола.

pelister 4