Нема напредок околу визите меѓу САД и ЕУ

Европската комисија (ЕК) изрази во средата жалење поради изостанувањето на напредокот во процесот на укинување на визите коишто Соединетите држави (САД) сé уште ги бараат за жителите на пет земји членки на и Европската унија (ЕУ).

„И покрај интензивирањето на контактите на политичко и на техничко ниво, знаци на напредокот во поглед на укинувањето на визите со САД не се споредливи со оние во односите со Канада. Комисијата веднаш по воспоставувањето на новата влада САД ќе ги зајакне настојувањата за постигнување целосен реципроцитет на укинување на визите, во координација со петте предметни држави членки – Бугарија, Полска, Романија, Кипар и Хрватска, објави ЕК.

„Следниот состанок на министрите и високите функционери за правосудство и за внатрешни работи на ЕУ и на САД, кој ќе се одржи во првата половина на 2017 година, ќе биде можност за разговори со новата влада на САД за натамошните чекори за постигнување на оваа цел“, се додава во соопштението на ЕК кое го цитира агенцијата Hina.

ЕК во средата објави извештај за напредокот во последните пет месеци во поглед на постигнувањето на целосниот визен реципроцитет со Канада и со САД. За разлика од САД, со Канада е постигнат напредок и државјаните на Бугарија и на Романија на коишто уште им се потребни визи за влегување во оваа земја, од почетокот на следната година ќе можат да патуваат без визи во Канада.

„Гарантирањето целосен реципроцитет на укинувањето визи со Канада и со САД и натаму е приоритет за ЕУ. Поради тоа го поздравувам обврзувањето и одлуката на канадските надлежни тела да воведат целосен реципроцитет за сите граѓани на ЕУ од 1-ви јануари 2017 година“, изјави комесарот за миграции и внатрешни работи на ЕК, Димитрис Аврамопулос.

Додаде дека тоа е доказ дека „направивме напредок“ во дипломатските контакти и со преговорите „постигнавме голем успех“. Но порача дека во односите со новата американска влада ќе настојуваат да се постигне целосен реципроцитет за сите граѓани на ЕУ.

Кон средината на октомврои членовите на Комисијата за граѓански слободи на Европскиот парламент ја повикаа Европската комисија да ги почитува правилата и да донесе привремени мерки за суспендирање на безвизниот режим за државјаните на САД и на Канада, кои не го почитуваат принципот на визен реципроцитет, а некои пратеници дури рекоа дека парламентот и можел ЕК да ја даде на суд поради непочитување на законите.

Канада бара визи за граѓаните на Бугарија и Романија, а САД за државјаните на Бугарија, Кипар, Полска, Романија и Хрватска. САД неодамна усвоија закон кој би можел да ги погоди и граѓаните од земјите во Шенгенскиот простор кои имаат двојни државјанства.

Според механизмот за визен реципроцитет кој го утврдија европските Парламент и Советот, доколку трета земја не го укине визниот режим во рок од 24 месеци по известувањето за изостанувањето на реципроцитетот, ЕК мора да ја провери состојбата и да предложи привремено укинување на ослободувањето од визите за граѓаните на односните трети земји за период од 12 месеци.

Условите за привременото воведување на визите беа исполнети во април годинава, но Комисијата, на којашто Советот и Парламентот ѝ ги делегираа овластувањата во оваа сфера, одбива да ги примени овие правила.

Според американскиот закон, визите се бараат за државјани на оние земји кои маат преку три отсто одбиени барање за издавање визи. Ниедна од петте посочени земји на ЕУ сé уште не ги исполнува тие услови. Процентот за одбивање визи за Бугарија е 17,3 отсто, за Кипар – 3,5, за Полска – 6,4, за Романија – 11,3 и за Хрватска изнесува 5,3 отсто.

ЕК во април годинава во својата процена за можните последици од воведувањето визи за државјаните на САД и на Канада, истакна дека тоа би имало значителен ефект на надворешно политичките односи на ЕУ со овие две земји и дека најверојатно би имало негативен економски ефект за ЕУ.