Замрзнато подземно „море“ откриено на Марс

Инструментите на вселенската сонда MRO им помогнале на научниците да го измерат обемот на резервите на водениот мраз на Марс, скриени под површината на една од рамнините на Црвената планета, чијашто вкупна маса може да се спореди со количеството вода во Големото езеро, едно од најголемите слатководни резервоари на Земјата, се наведува во студијата објавена во средата во списанието Geophysical Research Letters.

„Водата во овие резервоари, веројатно, ќе биде подостапна за нас од другите наслаги на мраз на Марс, бидејќи се наоѓа на прилично ниски широчини и под доста рамна и ниска рамнина, каде што е многу полесно да се приземји вселенско летало,отколку во другите региони со подземни депозити на мраз“, вели Џек Холт, научник од американскиот Универзитет Тексас во Остин, водечки автор на истражувањето.

Последните неколку години научниците наидоа на бројни показатели дека на површината на Марс во далечното минато постоеле реки, езера и цели океани, кои биле течни слично на Северниот леден океан на Земјата. Притоа, дел од планетолозите сметаат дека и во древните времиња на Марс можело да биде премногу студено за континуирано постоење океани, и оти таа вода можела да биде во течна состојба само во периодите на вулкански ерупции.

Скорешните набљудувања на Марс со помош на копнените телескопи покажуваат дека во текот на изминатите 3,7 милијарди години планетата загубила цел океан вода, што би бил доволен да ја покрие целата површина на Црвената планета со океан со длабочина од 140 метри. Сега научниците се обидуваат да разјаснат каде исчезнала таа вода.

Холт и неговите колеги откриле можна трага на таа „исчезната“ вода, проучувајќи ги необичните структури на површината од рамнината Утопија, која се наоѓа на средните широчини на Марс, со помош на сондата МRO, којашто ја проучува оваа планета од 2005 година.

Како што објаснуваат научниците во студијата, необичните вдлабнатини, дупки и други структури, коишто наликуваат на испукана почва или збир од многуаголници, ги натерала да се сомневаат дека под оваа рамнина може да лежат значителни резерви вода. Тавите форми на релјефот, според планетолозите, може да се видат во оние региони на Канада и други северни земји, каде што е зоната на постојаниот мраз.

Тие ја проверувале оваа идеја со помош на радарот SHARAD во составот на сондата MRO, кој овозможува да се проучува почвата на неколку стотини метри и да се определи нејзиниот хемиски состав и структурата. Претчувствата не ги измамиле научниците, под рамнината Утопија навистина се крие цело море од вода,приближно еднакво според површината на Каспиското Море или на некоја голема европска земја.

Тоа претставува своевиден огромен глечер со широчина од 80 до 170 метри, кој 85 отсто се состои од вода и 15 проценти од прашина или големи камења. Обемот вода во него, според процените на научниците, не е помал споредено со содржината на водата во Големото езеро, најголемата слатководна неистечна вода во Северна Америка и на Земјата.

Оваа вода, според истражувачите, можела да „преживее“ на современиот сув Марс и да не испари во космосот благодарејќи на десетметарската „кора“ од прашина и почва, којашто ја покрива неа од марсовата атмосфера. Научниците претпоставуваат дека овој ледник се формирал во далечното минато, кога оската на Црвената планета била навалена во друга насока, и рамнината Утопија се наоѓала поблиску до половите на планетата.

Како што забележуваат планетолозите, ова „тајно море“ претставува само 1 процент од вкупното количество воден мраз, но неговото откритие фактички двојно ги зголемува досега познатите резерви подземен мраз на северната хемисфера на Марс. Покрај за очигледните „колонизаторски“ цели, овие резерви мраз може да се искористат за откривање на тајните на климата на Марс во минатото, заклучуваат во споменатата студија Холт и неговите колеги.