НОВА КНИГА ОД ПИСАТЕЛОТ ПАНДЕ МАНОЈЛОВ

Деновиве, во издание на реномираната издавачка куќа „Силсонс“ од Скопје, излезе од печат најновата книга раскази за деца и млади „Сонот на детството“ од авторот Панде Манојлов кој живее и создава во Битола. Ова најново книжевно дело на овој наш автор содржи четириесет раскази поделени во два циклуси: „Јазикот на другарството“ и „Куфер со соништа“.

„Самиот наслов на книгата ветува безброј детски соништа поврзани со секојдневните случувања во домот и семејството, на улица, во училиште и секаде каде што ги има децата. А нив ги има во сите делови на светот и сите деца, без разлика на вера, нација, јазик и боја на кожата, кога се тажни исто тагуваат, а кога се радосни, исто се радуваат… Содржината на овие раскази имаат универзално значење. Младите читатели, а и возрасните, веруваме ќе уживаат во убавините на овие раскази“, се вели меѓу другото, во поговорот на оваа книга.

sonot na detstvoto

Да напоменеме, дека овој наш писател е автор на 22 книги поезија, проза и критики. Само, од почетокот на оваа година до денес со свои творби е застапен во четири антологиски избори. Член е на Друштвото на писателите на Македонија член на Независните писатели на Бугарија и на Асоцијацијата на писателите од Калифорнија,САД.