Прва форумска сесија за планирање од програмата Форуми во заедницата-буџетски форум во Новаци

Во присуство на стотина жители на општина Новаци,десеттина пишани и електронски медиуми, општинската администрација предводена од градоначалникот Лазар Котевски и претставници на Советот се одржа првата форумска сесија во рамки на програмата „Форум во заедницата – буџетски форум“.

Целта на овој проект е планирањето на буџетот на општината за 2015 година во  согласност на потребите  на жителите од оваа општина.Преку реализацијата на оваа програма, општина Новаци добива можност на еден транспарентен начин да ги утврди приоритетите на жителите и согласно тоа да го испланира трошењето на граѓанските пари.

„Ваквите средби се одлична алатка за креирање на буџетот за 2015 година и општината ќе води сметка за потребите на граѓаните. Приоритет во идната година повторно ќе им се даде на инфраструктурните проекти , патишта, водовод и канализација. Всушност тоа се потребите на месното население за кои општината дознава преку средбите што градоначалникот ги организира “ рече Лазар Котевски градоначалник на општина Новаци.

Ова  е прва сесија од вкупно 5 што ќе се одржат  во рамките на програмата  „Форуми на заедницата – буџетски форум“ до крајот на оваа година а последната шесттата сесија ќе се одржи во месец септември следната година.

„Буџетскиот форум е процес кој ќе тече во 5 сесии на кои граѓаните ќе видат кои се  приходите на општината  и ќе помогнат околу креирањето на буџетрските расходи за 2015 година. Форумот  е организиран по групи и одлуките се носат со консензус на граѓаните “ изјави Игор Тасевски – модератор на форумот.

Работната атмосфера започна со презентација за  тоа што значи форумскиот процес,за да продолжи со општа презентација за буџетот на општина Новаци а по паузата се продолжи со презентација на реализацијата на стратешкиот развоен план и приоритетите во 2014 година, беа донесени и начелата за работа на форумот како и приоритетите за развој на општината за 2015 година.

„На денешната прва форумска сесија слушнавме доста интересни приоритети кои сакаме да бидат вклучени во буџетот на општината за 2015 година како на пример отворање на младински клуб во Добромири,преминување на игротеката во градинка, изградба на базен, отворање на старски дом и слично“ рече Миле Мицевски, жител на Новаци.

Градоначалникот Котевски преку презентација ги запозна жителите со сето она што е направено во 2014 година.Според зборовите на Котевски во Новаци, во 2015 година ќе се продолжи околу реализацијата на двата големи проекти, изградбата на системот за наводнување преку реката Црна и проектот за топлификација од РЕК Телетерм за кои подготвителните работи се завршени.

Програмата „Форуми во заедницата-буџетски форум“ се одржува во соработка на општина Новаци  и ЗЕЛС , а е финансирано од Швајцарската агенција за развој и соработка.