Лепен најавува референдум за излегување на Франција од ЕУ, ако стане претседателка

Референдум за излегување на Франција од Европската унија ќе биде организиран во текот на шест месеци доколку победам на пролетните претседателски избори, порачува челничката на француската крајна десница Марин Лепен во интервју за руските медиуми.

„Кога станува збор за Европската унија.. им кажав на Французите дека доколку ме изберат (за шеф на државата) веднаш ќе заминам во Брисел за да ги започнам преговорите за враќање на нашиот суверенитет. А половина година по мојот избор ќе биде организиран референдум“, за членството во Европската унија, вели лидерката на Национален фронт (FN), Марин Лепен.

Додава дека доколку ЕУ не направи отстапки, а преговорите во Брисел не донесат резултати, Франција ќе мора да ја напушти Европската унија.

Лепен, исто така, изразува увереност дека „доколку Франција ја напушти ЕУ, таа веднаш ќе се распадне“.

Покрај тоа, кандидатката за претседател на Франција вели дека би ги укинала санкциите што ЕУ ги воведе против Русија пред две години, поради нејзината наводна улога во украинската криза. Лепен вели дека западните санкции се „неправедни и неефикасни“, а покрај тоа, нанесуваат штети на француската економија.

Претседателските избори во Франција ќе се одржат на крајот од април и почетокот на мај 2017 година, а истражувањата на јавното мнение во вториот круг ќе влезат Марин Лепен и поранешниот француски премиер и кандидат на конзервативците Франсоа Фијон. Левицата, предводена од во моментов владејачките социјалисти допрва треба да го избере својот кандидат.

Но бидејќи француската левица е во распад и се разединува, кандидатот кој ќе ги претставува конзервативците има големи шанси за победа и на претседателските избори коишто ќе се одржат за помалку од шест месеци. Според процените единствена сериозна противкандидатка ќе му биде претседателката на партијата од крајната десница Национален фронт (FN), Марин Лепен, но вообичаено социјалистите во такви случаи ги предаваат своите гласови на конзервативците. Така се случи на последните регионални избори, кога по првиот круг во повеќето од половината локални совети и за градоначалници водеа кандидатите на Лепен.

Победникот на изборите меѓу конзервативците има оттаму голема шанса, бидејќи владејачките социјалисти имаат историска непопуларност што предизвика раздор на левицата.