Мик Џегер осми пат стана татко

Легендата на светската рок музика Мик Џегер повторно, по осми пат, стана татко во 73-та година, извести во четвртокот неговата агентка за односи со јавноста.

На Мик Џегер ова е осмо дете, овојпат од врската од дваесет деветгодишната балерина Мелани Хамрик. Пејачот веќе има седум деца од претходните бракови и врски, пет внуци, а во мај 2014 година стана и прадедо. Деца има со Марша Хант, Бјанка Џегер, Џери Хол и Лусијана Хименез Морад.

„Синот на Мелани Хамрик и Мик Џегер роден е денеска во Њујорк. Мик беше крај Мелани во текот на породувањето. Мајката и детето се добри и од медиумите бараат да се почитува нивната приватност“, извести долгогодишната агентка на The Roling Stones, Фран Кертис.

Медиумите пишуваат дека Џегер и Хамрик врската ја започнале пред две години, по самоубиството на неговата претходна девојка ЛеВрен Скот, која му беше партнерка 13 години.

На 2-ри ноември во продажба се појави првиот по единаесет години студиски албум на легендарниот британски рок состав The Rolling Stones под насловот „Blue & Lonesome“ на кој се ставени кавер верзии на блуз нумери.