
Анализа
Кредибилен партнер, односно функционална влада која ќе се посвети на европската агенда и на Итните реформски приоритети – се очекувањата на Европската комисија (ЕК) во поглед на исходот од предвремените парламентарни избори, велат за Макфакс извори од Брисел. Унијата нема да интервенира во постизборниот процес се додека изборите поминат во демократската атмосфера и на еден „помалку или повеќе нормален начин“, вели нашиот извор.
„Никој не знае каков ќе биде исходот од изборите, доколку кампањата стане навистина валкана и има насилство, и многу зависи од тоа дали изборите ќе бидат одржани повеќе или помалку на еден нормален начин. Јасна е желбата на ЕУ во Македонија да се одржат повеќе или помалку нормални избори и конечно да можат да го затворат прашањето со македонска криза, пред се поради неколку причини“, сметаат бриселските експерти.
Најпрво, на Комисијата и е потребна ефективна и функционална влада со која ќе може да соработува. Последниве две години не беше возможно да се реализира нешто поважно од евроинтегративните процеси пред се поради нестабилноста и техничката влада.
„Мигрантската криза исто така придонесе за ваквата перцепција во очите на еврокомесарот Хан. Второ, Хан има многу други поважни работи на памет, како на пример Турција. Споредено со мигрантската криза и договорот ЕУ-Турција, авторитарниот курс на Ердоган и можното сопирање на пристапните преговори, македонската криза за Хан е едно здодевно прашање на неговата и онака преполна агенда. Трето, Хан исто така е политичар и до крајот на неговиот мандат тој ќе сака да го покаже реализираното, а едно од неговите постигнувања секако би било и „решавањето на македонската политичка криза“, вели нашиот извор.
Ребаланс на политичката моќ во државата
Кај Брисел исто така има надеж дека изборите ќе можат да донесат ребаланс на политичката моќ во државата и дека ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе биде помалку моќно, а со тоа и помалку доминантно на политичката сцена, велат експертите.
„Ова би можело да има позитивен ефект врз реализирањето на Итните реформски приоритети и ќе го намали притисокот врз судството, вклучувајќи ги и можностите за укинувањето на Специјалното јавно обвинителство. Сепак, би било грешно доколку се помисли дека меѓународната заедница би се откажала од СЈО. САД и ЕУ јасно ставија до знаење дека ќе продолжат одблиску да ја набљудуваат работата на ова тело. Но секако, на СЈО му претстои тешка работа и по изборите“, додава нашиот извор.
Кога станува збор за македонските евроинтеграции, одговорноста за застојот во овој процес е кај двете страни. „Иако во ретроспектива е секогаш полесно, но и поопасно да се оцени, доколку Европскиот совет не ја блокираше препораката на Европската комисија за почеток на преговори година по година, тоа можеби немаше да создаде оправдување за владејачката партија да се насочи кон еден поавторитарен и националистички курс“, сметаат експертите.
„Од друга страна, пак, јасно е дека македонската влада исто така во ситуацијава не се однесуваше примерно. Да не заборавиме дека тие во голема мера го прекршија владеењето на правото и демократските стандарди, и се виновни за корупција и изборни манипулации, како и за тајно прислушување на повеќе од 20 илјади лица. Штом Советот ја одби земјата, тогаш владата требаше да избере поинаква стратегија за да докаже дека тие (и Грција) не се во право“, додава изворот.
„Историјата помеѓу ЕУ и Македонија покажува дека секогаш постои силна корелација помеѓу важните домашни реформи и позитивните иницијативи од ЕУ: заокружувањето на процесот за стабилизација и асоцијација, потпишувањето на договорот за стабилизација и асоциација, кандидатскиот статус и позитивната препорака од страна на Комисијата. Јасно е дека позитивните иницијативи носи позитивни промени. Но јасно е дека „за танго се потребни двајца““, сметаат експертите.
Проблемот со којшто Македонија сега се соочува е во тоа што македонската влада има вкоренет став и за проблемот со името и внатрешните проблеми во државата, и единствениот начин за да се излезе од оваа ситуација е преку компромиси, како за името, така и за проблемите со владеењето на правото и демократското владеење. „Додека Груевски е на власт ова ќе биде проблем, поради тоа што тој е главниот архитект на моменталната состојба на македонската политика. Доколку, пак, се намали партиското влијание врз институциите, преку казна и осуда за корупциските пракси, тогаш позицијата и мрежата на Груевски исто така ќе треба да паднат, барем до одреден степен“, вели нашиот извор.
Според него, сепак во моментот Комисијата се уште смета дека земјата е „подготвена“ за почеток на преговорите со ЕУ. „Од тука произлегува дека работите се едноставни: компромис со Грција и почеток на пристапните преговори. Но секогаш е полесно ова да се каже, отколку да се направи. Сметам дека во најдобар интерес на земјата е ова прашање да го реши сега, отколку подоцна. Додека преговорите помеѓу Кипар и Турција во моментот повторно се прекинати, нивните шанси за решавање никогаш не биле толку конкретни и реални. Можеби, доколку ова прашање се реши во скоро време, тогаш и Македонија ќе може да профитира од позитивниот моментум, и ЕУ заедно со ОН ќе најдат храброст за да ги поддржат напорите за изнаоѓање на компромис. Ова би можело да доведе до пристапни преговори и повторен ангажман на Комисијата во смисла на техничка поддршка и финансиски награди, што би значело и позитивни односи меѓу двете страни“, вели тој.
Македонија следи „Орбан сценарио“, но можен е и пресврт кон „Мечиар сценарио“
Во моментов Македонија следи ткн „Орбан сценарио“, односно толеранција кон авторитарните пракси, но сепак, не смее да се заборави дека асиметричната моќ на Брисел над Скопје е многу поголема од онаа над Будимпешта, објаснува нашиот извор.
„Да не заборавиме дека меѓународната заедница успеа во земјата да воспостави Специјално обвинителство и дека токму меѓународната заедница ја испреговара оставката на долгогодишниот премиер. Ова само ја покажува потенцијалната моќ на Унијата, и да не заборавиме дека ЕУ не искористи уште многу од своите „адути“ на моќ, како што се забраните за влез или замрзнувањето на имотот на одредени лица од политичката елита. Сепак, сметам дека моменталното „Орбан сценарио“ би можело брзо да се промени во „Мечиар сценарио“, особено доколку земјата почне да се движи кон евроинтеграцијата, бидејќи постојат многу сличности помеѓу претпристапните процеси на Словачка и Македонија, до одредена мера“, додава нашиот извор.
Во поглед на процесот на проширувањето со балканските земји, пак, ЕУ се наоѓа во мошне специфична позиција, при што таа сега станува свесна за сопствените недостатоци за оваа стратегија, велат експертите.
„За да не го загуби својот кредбилитет, таа не може да вети нешто што потоа не би можела да го исполни. Ова е премисата врз која се базира и моменталната политика за проширување. Според овие ограничувања, односно премореноста од страна на процесот на проширувањето, како и состојбата во Унијата пост Брексит, несоодветно е овој клуб да се проширува, додека истовремено има многумина кои веќе го спорат неговото постоење. Внатрешната консолидација на Унијата во моментов е приоритет а потоа, исто така и економската криза и растот на популизмот во Европа се две сили кои имаат силно влијание врз евроентузијазмот во поглед на проширувањето“, додава нашиот извор.
Суштината на ЕУ е во тоа што таа се движи онолку брзо колку што се движи и нејзиниот најбавен дел, особено во надворешната политика, а тоа значи дека таа ќе почне да интервенира само кога е доцна за тоа, како што можеше да се види и во случајот со Македонија, велат експертите.
„Ова не значи дека ЕУ во поглед на Балканот е загрижена пред се само за стабилноста, туку тука се и демократските реформи, кои долгорочно се гаранција за одржлива стабилност. ЕУ по 90тите години научи дека нестабилноста на Балканот е директна закана за стабилноста на ЕУ. Тие сеќавања се уште се присутни така што целта на проширувањето и натаму останува важна за секоја членка на Унијата.
Последиците од краткорочниот фокус на стабилноста меѓутоа би можела да упати погрешни сигнали, не само за македонската политичка сцена, туку и за целиот регион. Доколку лекциите од ова се дека дури и по обелоденувањето на сите тие скандали, ниеден од клучните играчи не е изведен пред правдата, тогаш тоа ќе биде силен импулс за водење на авторитарна политика во соседните земји“, заклучуваат експертите.





