
Демократската унија за интеграција (ДУИ) во неделата собра илјадници членови и симпатизери на конвенцијата за промоција на сите кандидатски листи за пратеници и промовирањето на носителите на овие листи, соопштуваат од партијата.
Ахмети им порача на присутните дека гласот на граѓаните за ДУИ, останува единствената потребна одлука, затоа што овој субјект продолжува да чекори кон сега веќе познатите цели, интеграција на земјата во евроатланските структури, создавање на социо-економски услови за граѓаните и градењето на подобра иднина за поколенијата што доаѓаат.
„Изборите на 11-ти декември се одлучувачки, затоа што се одлучува за големи прашања. Се одлучува за тоа дали ќе чекориме кон патот што го истакнав претходно или ќе се влечеме. Ние, ДУИ, не сме се влечеле ниту со тие што се двоумат, ниту со тие што не гледаат зад планината. Ние сме застанувале до тие што сакаат да одат напред. Ние сме со НАТО, со Брисел, со обединета Европа, со Вашингтон и САД. Затоа, да си ја завршиме својата работа и овој мандат да излеземе уште посилни“, изјави Ахмети.
Ахмети додал дека ДУИ продолжува со работа водејќи се од начелото на градење и соработка, а не од начелото на уништување, како што тежнеат други субјекти чиј приоритет е борбата против ДУИ.
„Нека знаат сите тие што се двоумат и имаат дилема дека ние не се менуваме, тие може силно да се судрат со нас, било да се работи за домашни или регионални сили, или уште пошироко. Затоа што, тоа беше нашата цел и неоспорлива одлука, на цело ДУИ. Ова е плебисцитарна одлука и волја на албанскиот народ, единствениот пат, евроатланскиот, патот кон ЕУ“, изјави лидерот на ДУИ.
„Нашиот евроатлански пат не треба да се попречи и не треба да застане затоа што тоа е патот кој ја гарантира и ја зајакнува нашата слобода, нашата млада економија, затоа што тука е иднината, целта и очекувањата на тие што ја дале поддршката 15 години по ред. Затоа, единствениот пат е евроатланскиот пат а не патот на оние што го трасираат евро-азискиот“, порача Ахмети.





