ДИК: Апликацијата за проверка на податоците во Избирачкиот список повторно е функционална

Апликацијата за проверка на податоците во Избирачкиот список за граѓаните кои ќе гласаат во избирачките места на територијата на Република Македонија веќе е функционална и достапна, информираат од ДИК.

Од таму додаваат дека од вторник ќе биде достапна и апликацијата за проверка на податоците во Избирачкиот список за лицата кои ќе гласаат во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии во странство.

Во понеделник ДИК имаше одредени технички проблеми со апликацијата за проверка на граѓаните во Избирачкиот список.

„Техничките проблеми немаат никакви последици ниту влијание врз Избирачкиот список, организацијата како и врз спроведувањето на претстојното гласање за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија“, велат од ДИК.