
Во источна Mакедонија се инвестира само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, порача на предизборниот собир во петокот во Свети Николе Илија Димовски, носителот на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во Изборната единица 3.
Димовски притоа истакна дека повеќе од две илјади работи места се отворени во изминатиот период само во Свети Николе. Притоа го потсети граѓаните како било во периодот кога на власт беше сега најголемата опозициска партија СДСМ.
„Вие подобро го паметите овој град пред петнаесет години и какви трагедии остави СДСМ. Во овој град и тогаш се прогласуваа стечаите и се бркаа луѓето од работа. Тоа го напари СДСМ и им создаде слика на граѓаните дека овој град ќе биде слепо црево во Македонија. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа дека со посветена работа, труд енергија можат да се подобрат работите. Кога прв пат кажав дека овде ќе се гради автопат до Скопје, од СДСМ се исмеваа“, рече Димовски.
Додаде дека во источна Македонија се инвестира единствено кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт и потсети дека во 2006 година кога СДСМ беа на власт во Свети Николе оделе на работа само 3.090, додека денес таа бројка изнесува 5,396, односно дека биле отворени нови 2.306 нови работни места.
Димовски, исто така, најави целосна реконструкција на патот од Свети Никола до Куманово.





