Во Струга до 17 часот на гласање излегле 53,4 отсто, а во Вевчани 73,5 отсто, додека во Гевгелија излезноста е 72,39 отсто.
Претседателите на општинските изборни комисии информираа дека и во Струга и во Вевчани гласањето се одвива мирно и до нив не стигнале забелешки.
„До нас нема стигнато ниту една забелешка. Се надевам така и ќе заврши денешниот изборен ден во сите 101 избирачко место“, изјави претседателот на ОИК Струга, Бледар Зиба.
Претседателката на ОИК Вевчани, Параскева Гогоска – Кукоска информира дека од 2.044 регистрирани гласачи, своето избирачко право го оствариле 1.503 лица во три избирачки места.
Гласањето на предвремените парламентарни избори во општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово до 17 часот се одвиваа во фер и демократска атмосфера, со голема излезност на граѓаните на избирачките места.
Претседателка на ОИК-Гевгелија Гордана Поп-Кочева соопшти дека до 17 часот гласале 14.016 од запишаните 19.363 гласачи, односно дека излезноста на гевгеличани изнесува 72,39 отсто.
Еден отсто помалку, или 71,2 отсто изнесува излезноста на дојранчани. Претседателот на ОИК, Митко Андонов изјави дека до 17 часот на гласачките места излегле 1.969 од запишаните 2.568 избирачи и оти изборниот процес продолжува во најдобар ред.
Голема е излезноста на избирачите и во Валандово и Богданци. Од запишаните 10.024 граѓани во општина Валандово до 17 часот гласале 6.802 избирачи што претставува излезност од 67,9 отсто, а во општина Богданци гласале 4.620 од вкупно запишаните 6.906 граѓани што преттавува излезност од 66,90 отсто.
Од општинските изборни комисии нагласија дека изборниот процес до сега се одвива регуларно и без приговори.
Во Кавадарци до 17 часот гласале 70,09 отсто од гласачите, а во Росоман 75 отсто, информираа претседателите на општинските изборни комисии во двете општини, Зоран Костов и Лазо Симоновиќ.
Во Кавадарци се гласа на 60 избирачки места и засега изборите течат без проблеми, со исклучок на 30-минутниот прекин на едно избирачко место. Во Избирачкиот список за гласање на предвремените парламентарни избори во оваа општина се запишани 32.431 гласач.
И во Росоман навреме беа отворени десет избирачки места и засега гласањето е без проблеми. Регистрирани се 3.393 избирачи.





