Донација од Словачка за Здравствен дом

Амбасадорот Мартин Безак на директорот на Здравствениот дом Битола, Благоја Радевски му предаде амбулантно возило, донација од Република Словачка.

Набавката на возилото ја обезбедија приватната компанија „Фалк захрана“ од Словачка, амбасадата на Словачка и словачката агенција за меѓународна размена и помош, истакна амбасадорот Мартин Безак за време на доделувањето на донацијата на ЈЗУ Здравствен дом во Битола.

-Продолжуваме со проектот донации на амбулантни возила. Минатата година ваква донација доделивме на Здравствениот дом во Скопје, а денес и во Битола. Станува збор за амбулантно возило, марка „мерцедес бенз спринтер“ за потребите на службата за итна медицинска помош. Возилото е опремена со соодветна медицинска техника и во него има дефибрилатор, монитор, аспиратор и друга опрема за прва медицинска помош, истакна амбасадорот Безак.

На средбата со новинарите во Битола, директорот на ЈЗУ Здравствен дом-Битола, Благој Радевски потврди дека станува збор за единствено амбулантно возило од марката „мерецедес бенз“ со која во иднина ќе се овозможува брза помош на пациентите на кои таа ќе им биде неопходна.