Груевски: Државата ќе ги субвенционира весниците

Коалицијата „За подобра Македонија“ е посветена на економијата, на привлекување инвестиции и отворање нови работни места, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и носител на кандидатската листа во четвртата изборна единица, на саботниот митинг во Кичево, од каде најави и субвенции за опстанок на весниците.

Во изминатите 10 години, Груевски рече дека Владата работела во сите сектори, нo економијата, инвестициите, работните места и намалувањето на невработеноста беше и ќе биде најголем приоритет за политичката гарнитура на ВМРО- ДПМНЕ.

„Успеавме да донесеме и една крупна американска инвестиција во Кичево, „Ки Сејфти Системс“ (КСС), која што во моментов има 710 вработени, а планот им е до Нова година да стигнат до 750, односно уште 40 плус. Планот им беше некаде до средината на следната година да стигнат до 1.000, но не известија дека средината на следната година ќе стигнат до 1.100, односно 100 повеќе од планираното“, рече Груевски.

Според него, главна преокупација на СДСМ е туркање на проект за рекомпонирање на државата. „Малку им беше она рекомпонирање во 2005 година, сега сакаат уште поголемо рекомпонирање. Наш главен проект е привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места за силен економски напредок“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски вети дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде готов во 2018 година, најави и изградба на нов автопат Кичево – Гостивар, во должина од 42 километри.

Груевски на митингот посочи дека од 2018 година ќе има субвенции за печатените медиуми.

„За прв пат ќе воведеме субвенции за весниците. Со оглед на тоа што интернетот пенетрира, порталите се повеќе добиваат на тежина и значење, весниците се потешко преживуваат. Тоа ќе се направи по теркот на Германија, Франција или други држави, каде што државата ги субвенционира весниците за да опстанат. Владата од 2018 година ќе воведе субвенционирање на весниците по еден правичен критериум кој дополнително ќе биде објавен“, појасни Груевски.

Носителот на листата во изборна единица 5 на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ,Антонио Милошовски денеска во Кичево ги презентираше новите проекти кои се предвидени во програмата „Реално“.

„Започнување со изградба на пат Кичево – Бошков мост – Дебар,  со што градот ќе добие веќе епитет на вистинска крстосница и завршување на некои локални патишта кои се важни за околината во Кичево. Имаме намера исто така да се изградат две градинки во Кичево, една спортска училишна сала во училиштето „Кузман Јосифовски Питу“ и една пречистителна станица која што е потребна за речните сливови  во Кичево, во вредност од седум милиони евра. Така што сите овие проекти, заедно со странската инвестиција која што ја имаме и очекуваме да се проширува, веруваме дека ќе придонесат во голем дел за унапредување на стопанството во Кичево, што е наша најголема потреба“, рече Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ вечерва претходно одржаa митинг во Македонски Брод.