Груевски: Две нови инвестиции во Битола вредни над 10 милиони евра

Две нови странски инвестиции во Битола најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот што Коалицијата „За подобра Македонија“ го одржа вечерва во овој град.

– Во Битола ќе инвестира компанија од Турција што се занимава со металопреработувачка индустрија во индустриската зона „Жабени“ ќе вложи 8,6 милиони евра и планираат најмалку 110 нови работни места. Градбата ќе почне за некој месец, и ќе проработи најдоцна за една година. Втората инвестиција е на грчка компанија која се занимава со производство на изолациски пластични материјали за градежништвото за што ќе бидат вработени најмалку 150 лица. Оваа инвестиција е вредна 2 милиони евра и ќе се гради на браунфилд објект, истакна Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ, потенцира тој, е партија што работи да им помогне на граѓаните, што се грижи за народот, за државата и нејзините државни и национални интереси, и затоа ВМРО-ДПМНЕ девет пати победува, а на 11 декември ќе ја добие и десеттата поддршка која воедно ќе претставува најголемата историска победа над СДСМ.

– Заев вели дека нека некој од надвор ќе го правел премиер заборавајќи дека овој народ прави некого премиер или не го прави. Народот не смее да се лаже ниту потценува. Напротив, на овој народ, на сите нам, ни е потребна посилна економија, повеќе работни места, посилно земјоделство, подобро образование, среќен живот, а не некој да не дели и поделува, кантонизира и федерализира, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ние, додаде тој, ќе ја добиеме поддршката затоа што ја намаливме невработеноста од 38,7 на 24 проценти отворајќи 160.000 работни места од кои 39.000 само во последните 2,5 години додека трае политичката криза, затоа што донесовме 2,6 милијарди странски директни инвестиции, затоа што ги зголемивме пензиите…

Најави дека во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија ќе бидат отворени нови 70.000 работни места, а во Битола ќе се реализираат конкретни проекти во различни сфери односно во патната инфраструктура, здравството, образованието, земјоделството и руралниот развој.

-Во Битола ќе се изгради нов експресен пат со 4 ленти до граничниот премин Меџитлија, во непосредна близина на зоната „Жабени“ бидејќи во таа зона во наредните 4 години ќе работат над 6.000 луѓе. Со новата програма во Битола ќе изградиме нов репрезентативен спортски комплекс чија вкупна вредност ќе биде 11,5 милиони евра, ќе извршиме целосна реконструкција на Клиничката болница, а по новагодина ќе почне изградбата на системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци – инвестиција вредна 47 милиони евра. Во овој град ќе бидат завршени почнатите проекти, а ќе има и нови со кои ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните на Битола, рече Груевски.

Нагласи дека токму затоа ја очекува поддршката од граѓаните кои, како што рече, знаат кој знае да отвора нови работни места и кој знае одлучно да се грижи за државата.

Носителот на листата во Петтата изборна единица Антонио Милошоски рече дека Битола е приоритет во изборната програма „Реално“. Во овој град, како што посочи Милошоски, се планира изградба на голема спортска сала со базен, ватерполо терен и гимнастичка сала за што ќе бидат инвестирани 13 милиони евра.

– Во Битола ќе се воведе гасот како енергенс во домаќинствата, ќе се изгради и топлификација за да можат граѓаните да се загреваат на гас, ќе се реновира и болницата. ВМРО-ДПМНЕ ќе го решава проблемот со воздухот во Битола, ќе им помогне во почиста околина, но доколку само ако бидеме сојузници меѓу себе. Пред три години бевме сведоци на опожарениот планинарски дом Копанки. Домот ќе биде обновен и тој ќе стане центар на цела Битола, рече Милошоски.