
Во последните две ипол години отворивме 39.000 нови работни места, и покрај кризата што ја наметна СДСМ а имаме уште нови проекти кои ќе ги реализираме, рече во саботата Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во Изборната единица 4 на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Македонски Брод набројувајќи ги досегашните реализирани и најавувајќи ги идните проекти кои ќе ги реализира неговата партија.
„Ние имаме уште многу нови проекти кои ќе ги реализираме и вие знаете дека тоа се реални работи кои ќе ги оствариме и се одговор на она што му треба на граѓанинот. Прецизно е мерено и дефинирано се во програмата и е ветено само тоа за што сме сигурни дека и можеме да го реализираме. Ние во наредниот мандат ќе направиме многу проекти, како што и досега во земјата правевме многу, многу проекти кои ги ветивме и ги реализиравме. Ние остваруваме“, рече Груевски.
Посочи дека владата предводена од ВМРО инвестираше во овие години 1,55 милијарда евра, средства за поддршка за македонското земјоделие во десетгодишниот период.
„Дадовме под закуп околу 62.0000 хектари државно земјоделско земјиште на македонските земјоделци. Овозможивме набавка на нова земјоделска механизација по принципот 50/50. Македонските земјоделци на тој начин набавија над 2.000 трактори, над 7.700 парчињаземјоделска механизација. Невработеноста која најмногу ја тишти Македонија ја затекнавме на рекордно ниво во Европа 38,7 отсто, ја намаливме на 24 отсто и се уште ќе ја намалуваме. Кога дојдовме во Владата, Македонија во 2006 година имаше околу 560.000 луѓе кои беа вработени од два милиони жители“, рече Груевски.
Челникот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека и покрај тоа што минавме низ светската финансиска криза, која можеби е подзаборавена, но не беше лесен период, сепак земјата успеала да минеме низ европската должничка криза, низ новите удари, новите закочувања на извозот, нови закочувања на инвестиции, сепак успеала успешно да минеме и низ домашната политичка криза создадена од СДСМ.
„И покрај тоа и покрај сé, успеавме да отвориме нови 160.000 работни места и сега не работат 560.000, туку во Агенцијата за вработување запишани се над 720.000 вработени. Е тоа е разликата меѓу нас и СДСМ. Тоа е една од главните разлики меѓу нив и меѓу нас. Покажавме дека и во тешки времиња можеме да го остваруваме тоа што е најважно за граѓаните. Во последните две и пол години, време во кое што сме окупирани со политичката криза и хаосот што ни го прави СДСМ, само во овие две и пол години од тие 160.000, вработени се 39.000 односно отворени се нови 39 илјади нови работни места“, говореше Груевски.
Според него создаден е систем што функционира и во добри и во лоши времиња, и оцени дека и во такви времиња не е лесно да убедите инвеститори да дојдат, да го ризикуваат својот капитал во земја во која има политичка криза.
Груевски рече и дека во текот на изминатите десет години откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт десет пати досега се намалени цените на 4.700 лекови, од 20 отстсо, кај некои за 50 или 60 отсто, а на некои лекови дури за 90 отсто.
„Обезбедивме здравствено осигурување за сите граѓани, цените на лековите во минатото постојано растеа. Дали некој од вас се сеќава да се намалила цена на лек во време на СДСМ? Нема такво нешто. Ги намаливме цените на лековите… И фирмите што ги продаваат уште работат, имаат нормален профит, вработените се таму, без намалени плати. Што значи имало екстра профити, некој имал интерес Македонија да нема никаква контрола во цените на лековите. Народот плаќал од џеб, болните морале и плаќале. Пресметавме и видовме дека 33 милиони евра е заштедата за граѓаните откако се намалени цените на лековите годишно. Значи секоја година со ова намалување на цените на лековите 33 милини евра наместо по џебовите на фармацевтските олигарси блиски до СДСМ, одат во џебовите на граѓаните, односно остануваат во џебовите на граѓаните. Овозможивме да се отворат вкупно 67 аптеки, аптекарски станици во 38 општини, го подобривме системот за примарна здравствена заштита во руралните области и за навремено обезбедување на потребната терапија“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски потсети и дека со проектот „Еднократен отпис на долгови“ се помогнало да се отпишат долгови на околу 15.000 семејства од социјално ранливите категории во износ од 30 милиони евра, како нивен одговор на европската и светската криза.





