Груевски: Минималната плата ќе се зголеми на 14.000 денари

Програмата со која ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на претстојните предвремени парламентарни избори се вика „Реално“,напишана е на 500 страници, а  содржи проекти кои се реално остварливи, порача лидерот на партијата Никола Груевски.

„Тоа е нашата програма, која е убедливо најобемната и најдобра досега, која во себе содржи над 500 страници на проекти и прецизни рокови, буџети и носители и очекувани резултати“, рече Груевски.

Според Груевски, ова е програма за сите оние Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и останати кои сакаат да живеат во унитарна и суверена Македонија, а не во држава со кантони, федерални единки.

Во програмата е предвидено зголемување на социјалната помош, пензиите и минималната плата.

За подобрување на стандардот на населението предвидуваме зголемување на платите во јавниот сектор за вкупно 10,25 отсто, во јануари 2018 и во јануари 2020 година, по 5 отсто. Пензиите ќе се зголемат за вкупно 10,25 отсто, и тоа  во септември 2018 година и во септември 2020 година, по 5 отсто. Зголемување пак на социјалната и на постојана парична помош ќе изнесува 50 отсто, во четиригодишен период.

Имајќи ги предвид позитивните резултати од воведувањето на минималната плата, ќе се зголемува и во следниот период.

Од постоечката која изнесува 10.080 денари, ќе порасне на 12.000 денари во 2017, 12.500 денари во 2018, 13.200 денари во 2019, на 14.000 денари во 2020 година. Во текстилната и кожарската индустрија минималната плата која сега изнесува 9.000 денари, ќе порасне на 10.500 денари во 2017, 11.500 денари во 2018, 12.500 денари во 2019, на 13.500 денари во 2020 година. Ова покачување е реално и балансирано, и тоа ќе обезбеди зголемување на платата без ризик за отпуштања на вработени или пак проблеми кај работодавците, заклучи Груевски.