
Уште два дена, не дозволувајте сега на крајот да нѐ закрват, не подлегнувајте на провокации, порача во петок на прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
„Тоа се последни обиди на еден систем во распад, на Зоран Заев и подземни структури зад него, но само внимателно, не не закрвија досега, нема ни отсега, никој не е поважен повеќе од граѓанинот на оваа држава, никој, ни поединци, ни раководства на партии, и мрачните структури сакаат да го заплашат поединецот, граѓанинот,затоа што го гледаат нивниот пораз, и јасно им е какви ќе бидат резултатите и што е волјата на народот“, рече Груевски.
Тој ги повика македонските граѓани во недела масовно да излезат и да го дадат својот глас за оној што сметаат дека за нив е најдобар избор.
„Сите да излезете и да го дадете вашиот глас, ако сметате дека треба да ни дадете поддршка нам во ред, ние ќе бидеме благодарни и нема да ве изневериме, го знаете тоа, ние ја кажавме нашата програма и она за што се залагаме и што може да очекувате од нас, ако, пак, сметате дека треба да им дадете поддршка на Заев и неговите соработници, повторно во ред, поентата ми е дека тоа треба да е ваша и само ваша одлука. Јас сум убеден дека вие знаете што е подобро за вас, за вашите семејства и што е подобро за Македонија! 11-ти декември недела, сите заедно да направиме да биде празник на демократијата и ден на гордост. А вечерта да слави Македонија“, порача Груевски.





