Груевски: Со 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ запира кризата и мрачните сценарија

По две ипол години вештачки создадена криза, таа се движи кон својот крај и таа конечно ќе заврши со убедлива победа со 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, порача од Стримица во неделата вечерта лидерот на владејачката партија и на коалицијата, носител на кандидатската листа во Изборната единица 4.

Така ќе се запре кризата и ќе се стави крај на планот за мрачни сценарија по однос на нашата држава, рече Груевски и ги повика граѓаните и овие 7 дена што остануваат до 11 декември  да останат со студени глави и да одлучат за судбината на Македонија.

„За жал, не може да се помират сценаристите со ова што ги чека, со овој огромен пораз кој ќе го добијат и само мислат како да испровоцираат проблем. Нервозни се, очајни и фрустрирани се затоа што не успеаја и не успеваат, а пробаа сé. Многупати тестирани сценарија во Македонија не им успеаја, затоа што нашиот народ е мудар и се гледа јасно. Нервозни се и ги знаеме многу добро дека може и да не бираат средства. Сме гледале многу примери наоколу, па и во соседството што се може да направат. Нервозни се и бараат начин како да ја продолжат кризата….,како да го одржат барем уште некое време црпнатиот, зашто нема друг таков човек кој е спремен се да продаде и се да стори само за да дојде на власт. Дури и се чуделе на што се е спремен, уникатен примерок на богаташ кој е „трчи- лажи“ и кој нема проблем со наведнување на кичмата и со блага насмевка да прифаќа сé што ќе му се каже колку и тоа да е погубно за неговата земја“, истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека гласот оваа коалиција значи избор за 70.000  нови работни места во Македонија, за зголемување на платите во јавниот сектор за најмалку 10,25 отсто, за зголемување на пензиите за најмалку 10,25 отсто, за зголемување на социјалната помош за најмалку 50 проценти, за зголемување на минималната плата постепено до 14.000 до 2020-та година…, за болници и опрема за нив, за современи патишта од кои три автопати, железнички линии кон Бугарија и Грција… Гласот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, додаде Грувески, значи глас и за рестартирање на стопанските капацитети жртви на транзицијата, како и за создавање на рурални развојни зони.

Конкретно набројувајќи ги планираните инвестиции во земјата и во Струмица и регионот, Груевски пред струмичани рече и дека тие најдобро го познаваат нивниот градоначалник кој е и лидер на Опозицијата.

„Ги познаваат неговите методи на работа по принципот едно евро ваму едно таму, знаат за тендерите кои си ги расфрла по роднини и пријатели од Струмица, знаат дека тој човек знае да си подлаже и ништо да не го секира, сите овде го знаат Зоран Заев“, рече.

„Струмица е градот кој најдобро го познава Заев и затоа во Струмица е највисоко негативното мислење за него. Правеа фабрика за афери со тој Чаушот, замислете до каде им одеше умот, лажеа дека има фантоми не сто- двеста туку 500 илјади фантомски гласачи“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„И мислеа дека тоа туку така ќе им помине, сега бесрамно лажат и си играат со чувствата на нашиот чесен и напатен народ дека ќе давале плата по 500 евра по човек и слично, лага до лага, не бираат ниту средства ниту начин како да прелажат некого дури и злоупотребувајќи ја маката на луѓето. Тоа е нивниот начин како тие работат. Но тоа им е погрешно затоа што не го имаат разбрано Македонецот, Македонецот е честит човек, кој вредно работи, си ја сака државата и знае јасно да одбере што е подобро за него и за државата. Затоа и нашата кампања е базирана на тие зборови „Знаеш што е подобро за тебе и за Македонија“, затоа што ние не го потценуваме нашиот сограѓанин туку цврсто веруваме во неговата проценка, ние веруваме дека тој ја знае целата слика за тоа што се случува во државата, ние веруваме на неговата мудрост и во неговата љубов кон Македонија“, рече Груевски.

Струмичани најдобро знаат што е подобро за нив и за Македонија и никој не смее да ги потцени, смета поранешниот премиер.

„Сега е моментот кога треба да се потрудиме оваа криза на 11-ти декември да ја затвориме и да ја претвориме во една можност. Тоа е денот кога сите заедно ќе се спротивставиме на ова сценарио кое што се спроведува во Македонија. Бидејќи знае народот што се случува и што сака“, додаде Груевски.

Но со изборите на 11-ти декември, продолжи челникот на владејачката партија, ќе им покажеме не само на скептиците во државава и оние кои работат на ова сценарио тука, во Македонија, туку ќе видат и соседите, но и народите пошироко дека овде живее горд и достоинствен народ, кој и со оваа генерација ќе го победи сето она што се прави против Македонија.

„Судбината на Македонија е во твои раце. Ова е историски момент во кој се носи многу важна одлука. Одлука која навидум некому можеби и ќе му се чини не баш едноставна, но во суштина е многу едноставна. Свесен сум дека и ти знаеш што е исправно, слушај си го срцето, знаеш и што и’ се случува на Македонија. Но исто сум свесен и дека разни креирани сценарија нема да можат да ти го поматат фокусот од големата слика“, порача Груевски.