Иванов: Изборите да поминат во фер и демократската атмосфера и новоизбраната влада да го исполни ветеното

Исто како и граѓаните на Република Македонија, очекувам овој ден да помине во мирна, демократска и фер атмосфера, очекуваме вечер да им честитаме на победниците и очекуваме од поразените да го признаат легитимитетот на избраните, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во неделата, за време на одржувањето на предвремените парламентарни избори во Македонија.

„Очекуваме и во најскоро време да се конституира новиот состав на Собранието, да се избере влада и таа да ги исполни сите ветувања што ги даде во овој предизборен период. Очекуваме конечно да излеземе од политичката криза и да се посветиме на нашите стратешки цели односно да ја вратиме евроатланската агенда на највисокото место и како највисок приоритет за нашата држава“, порача Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека сите се свесни за настаните што се случија во земјата изминатите години и тоа ова треба да биде поука за сите оние кои што се во политиката. „Свесни сме за сите предизвици што постојат во нашиот регион и пошириоко и затоа ни се неопходни институции со полн капацитет кои ќе се справуваат со сите предизвици“, заклучи Иванов.