
Имаме план за гасификација и зачувување на зеленилото во Македонија, изјави Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и носител на кандидатската листа за пратеници во првата изборна единица во Скопје.
„Коалицијата за Промени и Правда е за системски промени, со кои првостепена ќе биде одговорноста на премиерот и министрите. “Имунолошкиот систем” мора по автоматизам да функционира доколку се крши Уставот и законите, како што беше злоупотребата на системите за прислушување, кршењето на изборните правила и грабежот на народот“, рече Трајанов.
„Ќе има промени во изборниот модел, Македонија ќе биде една изборна единица, а составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, преку отворени листи. Ќе го намалиме бројот на пратеници, од 123 на 90, а бројот на министри ќе го намалиме за 50%, ќе ги редуцираме бројните агенции, регулаторни тела и други непродуктивно – паразитски институции“, рече Трајанов.
Во рамки на економскиот дел од програмата, Трајанов најави исти бизнис услови за странски и домашни компании, отворање на над 30.000 мали фирми во кои ќе се вработат од 3 – 5 млади и креативни кадри.
„Македонија во следниот четиригодишен период ќе биде полноправна членка на НАТО и ЕУ, без да се менува Уставното име, или загрози нашиот национален идентитет“, истакна лидерот на ДС.
Покрај тоа, тој додаде дека нивен предлог е работното време да почнува во 07:00 часот, само 100 денари судска такса за остварување на права пред судовите, намалување за две третини на паричните казни, укинување на радиодифузната такса, МРТВ да прерасне во силен информативен сервис, како и воведување на позорната служба заради поголема безбедност на граѓаните.
Павле Трајанов, ги повикува граѓаните да гласаат за Коалицијата за Промени и Правда, која го има одличниот број 5, Коалиција која ќе обезбеди стабилност, сплотеност и единство.





