Михајлова в.д. претседател на Кривичен, Бајлозова в.д на Врховен

Судијката, Татјана Михајлова е избрана в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, а судијката Снежана Бајлозова за в.д претседател на Врховниот суд.

Инаку, Михајлова треба да го води предметот што го покрена Специјалното јавно обвинителство против поранешниот премиер, Никола Груевски.

Бајлозова, порано годинава,  беше избрана за судија во Врховниот суд, а претходно судеше предмети во Апелациониот суд во Скопје. Таа е и еден од кандидатите за избор на редовен претседател во највискиот Врховен суд, заедно со актуелната претседателка, Лидија Неделкова, поранешниот претседател Јово Вангеловски и Беса Адеми.

За претседател на Кривичниот суд кандидирани се актуелниот претседател, Владимир Панчевски, Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ.

Кандидатите за избор на редовен претседател се на вонредно оценување, а според препораките на Антикорупциска, нивниот избор ќе биде извршен по парламентарните избори. Мандатот на Панчевски и на Неделкова им заврши во понеделник.