Милошоски: На 11-ти декември СДСМ ќе ја добие пораката од народот

На 11-ти декември СДСМ ќе си ја добијат пораката од народот, зашто две години го држеа народот во заложништво, сакаа да ја дестабилизираат државата со настаните во Куманово, Заев фрлаше боја, а таа што сака да му биде вицепремиер му помагаше, но граѓаните знаат дека со фрлање бои се станува молер, а не политичар порача во четвртокот вечерта од предизборниот собир во Демир Хисар Антонио Милошоски носител на кандидатската листа на владејачката  ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 5.

„СДСМ уште пред да почнат изборите се откажаа од Демир Хисар и нивниот кандидат го ставија на далечното 14-то место. Во Демир Хисар ќе направиме прочистителна станица, ќе го обновиме и реконструираме патот до Битола кој што го користат многу луѓе. Ние не ветуваме нереални работи и завиткани проекти во целофан какви што нудат СДСМ. СДСМ ако дојде на власт ветуваат просечната плата од 30.000 денари, а во нивното време на владеење просечната плата изнесуваше 8.000 денари. ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ нуди реални проекти. Минималната плата во времето на СДСМ беше 6.000 денари, а сега кога не се на власт ветуваат минимална плата од 16.000 денари“, рече Милошоски.

Доколку беше така, запраша кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, зошто Заев и неговата фамилија не им даваат плата од 30.000 денари во нивните седум фирми во Струмица?

„Оваа лага завиткана во целофан на СДСМ е нереална лага и многу опасна игра, ние знаеме, паметиме кога СДСМ беше на власт во 2006 година бројот на невработени беше 38 отсто, а денес со макотрпни маки и заложба на ВМРО-ДПМНЕ успеавме да ја намалиме невработеноста на 24 отсто. А нашата цел и желба за во иднина е да донесеме многу странски инвестиции и да отвориме дополнителни 70.000 нови работни места“, рече Милошоски.

Истакна дека најголемата опозициска партија СДСМ веќе започнала да игра на дестабилизацијата во земјата и кревањето меѓуетничките тензии меѓу Албанците и Македонците.

„Нас не ни се проблем националностите, нас нé ништи економијата која ја предлагаат Зоран Заев и Радмила Шекеринска. На Зоран Заев како понов член во политиката треба да му биде јасно дека Рамила Шекеринска успеа да лизне еден претседател од СДСМ и да му направи сопка на Бранко Црвенковски. Радмила Шекеринска е таа што ќе му направи сопка и на Зоран Заев, тој ќе биде претседател на СДСМ до 11-ти декември, а од 12-ти декември СДСМ ќе бира нов претседател, а ВМРО-ДПМНЕ ќе го бира премиерот на Република Македонија“, порача Милошоски