
Секојдневно се врши притисок врз вработените од јавната администрација, на неколку дена пред парламентарните избори, обвини во вторник, заменикминистерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски.
Притисоците, според Муцунски, се вршат од страна на граѓански организации и здруженија кои ги таргетираат и етикетираат административците, им се закануваат и ги потценуваат со цел да се надоврзат на партиската агенда која би обезбедила некој глас повеќе или би фрлиле некаква сенка на претстојното гласање.
„Во оваа синхронизирана активност на систематски притисок, сеење страв, несигурност и закани, покрај политичките партии од опозицијата и нивните претставници, непосредно се вклучени и граѓанските организации и здруженија кои наводно имаат за цел да ја следат регуларноста на изборите“, рече Муцунски.
До нив секојдневно пристигнувале реакции од вработените кои информираат дека добиваат персонализирани писма, а пред самите институции се делат летоци во кои се искажуваат отворени закани дека ќе бидат водени кривични постапки и санкции.
„Сите вработени кои се чувствуваат загрозени од ваквите политички активности на некои партии и невладини организации да испратат пријави за заканите до Државната изборна комисија, Народниот правобранител, Јавното обвинителство и Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Неопходна е сериозна истрага од каде една невладина организација располага со база на податоци во кои се содржани сите лични податоци на јавната администрација“, рече Муцунски.
Тој упати апел и до сите оние кои вршат вакви притисоци, да престанат со ваквите активности врз вработените во државната и јавната администрација.





