Николовски: Минималната плата на крајот на мандатот ќе биде 16.000 денари

Груевски од Македонија направи земја со најниски плати во регионот и во Европа. Токму затоа имаме сериозен план, како да се покачат платите во државата, најави во понеделник во Петровец Љупчо Николовски, носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 3.

„Спиралата на ова покачување ќе започне во април со зголемување на минималната плата, на 12.000 денари, а на крајот од овај четиригодишен мандат ќе изнесува 16.000 денари. Таа ќе се однесува без исклучок и за сите вработени во индустријата за текстил, кожа и обувки“, рече Николовски.

Тој уште најави дека домашните компании ќе добиваат 100 пати поголема државна финансиска помош од сегашната.

„До крајот на мандатот просечната плата ќе изнесува 30.000 денари, за да може во секое семејство со двајца вработени да има минимум 1000 евра или 60.000 денари приход за да може да се платат сметките, за да може да се регулираат сите трошоци, да има за живеачката, да има за облека и да има за одмор, за сите потреби на секое едно семејство“, рече Николовски.

Николовски вети дека ќе го помогнат и ќе го поттикнат покачувањето на платите и во јавниот сектор.

„На овај начин со спиралното покачување на платите во државата ќе се покачуваат и пензиите. Но тоа не, како што е виртуелното на Никола Груевски, туку реалното покачување на пензиите двапати годишно на основа на покачувањето трошоците на живот и покачувањето на платите во државата“, рече Николовски.