
Стандардите за заштита на човековите права ширум светот се под невиден притисок, соопштија Обединетите нации, предупредувајќи дека „фашистичката реторика“ станува заеднички момент и во Европа и во САД.
Зборувајќи во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права кој се одбележува во сабота, 10-ти декември, комесарот на ОН за човекови права Зеид Ра’ад ал-Хусеин побара од луѓето ширум светот да станат против опасната ерозија во сферата на заштитата на човековите права.
„Оваа 2016 година беше катастрофална кога станува збор за човекови права“, се вели во писмената изјава на Зеид, предупредувајќи дека на крајот сите ќе имаат штетата „доколку растечката ерозија на внимателно градениот систем на човековите права и владеењето на правото добие замав“.
Меѓународните стандарди за заштитата на човековите права, продолжува Зеид, се под „невиден притисок“.
Истакнува дека многу челници ниту ефикасно, ниту искрено реагирале на таквите проблеми што го поттикнало искористувањето на стравовите на луѓето, вжештување на дезинформациите и поделбите и давањето ветување кои не можат да се исполнат.
„Во некои делови на Европа, како и во САД, реториката против странците е полна со незауздена критика и омраза, се шири до застрашувачки димензии и таа сé помалку се оспорува. Фашистичката реторика не е повеќе ограничена на тајното подземје на фашистите…, таа стана дел од нормалниот дневен дискурс“, предупредува Зеид.
Зеид, кој во саботата треба да ја покрене кампањата под мотото „Стани денес за нечии права“, од сите бара да ги „отфрлат насилството и омразата кои му се закануваат на денешниот свет“.
Во денешното време на брзи промени „вредностите коишто го поддржуваат мирот ширум светот се преважни за да бидат оставени само на меѓународните институции и владите“, заклучува Зеид.





