Попоски: Македонија ќе продолжи да придонесува кон напорите за сузбивање на тероризмот

Македонија е активен партнер на меѓународните антитерористички коалиции и ќе продолжи да придонесува кон напорите за сузбивање на тероризмот, како и на насилниот екстремизам и радикализацијата.

Ова во четврток го истакна вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, на 23-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што се одржа во Хамбург, СР Германија.

„Свесни сте за напорите на Македонија во справувањето за кризата. Поради неизвесноста на овој предизвик уште еднаш ве повикувам на единство и соработка во справувањето со сите аспекти во менаџирањето на овој предизвик“, порача Попоски.

Вицепремиерот оствари и бројни билатерални средби со негови колеги. Во врска со претстојните избори во Македонија, Попоски истакна дека се преземени сите неопходни мерки.

„Сите мерки кои се презедоа во изминатите месеци за подготовка на изборниот процес, го сведува на минимум просторот за било какви изговори во однос на резултатите“, порача шефот на македонската дипломатија.