Пријави за обиди за поткуп пред гласањето

Во петокот и саботата се регистрирани три случаи на обиди за поткуп 
за гласањето во недела 11-ти декември на предвремените парламентарни избори, информираат невладините организации.

Во саботата набљудувачите на „Цивил“ во Демир Хисар пријавиле дека наводно директори на јавни институции нуделе поткуп за гласање во селата Брезово, Зашле и Мало Илино, а сведок тврдел дека добил 1000 денари поткуп за гласање. За случајот е известена битолската полиција, од каде го потврдуваат настанот, а известен е и јавниот обвинител.

Во петокот ноќта обвинителството издаде судска наредба за одземање видео материјал од наводниот поткуп на гласачи во Кавадарци. Со него ѝ се налага на полицијата да го најде и да го одземе видеото и да му го предаде на обвинителството како евентуален доказ.

Граѓани на Кавадарци вчера пријавија во полиција дека во штаб на една партија се врши изборен поткуп на гласачи кои добивале по илјада денари за глас. И очевидци на настанот тврдеа дека група граѓани од ромска националност излегувајќи од штабот се пофалиле дека наводно добиле пари.

Министерството за вантрешни работи потврди дека интервенирале и за обиди за поткуп на гласачи во петокот во Кочани каде партиски активисти се обидувале за 1.000 денари да земат лични карти на гласачи. Таму вчера околу 19 часот две лица од село во кочанско, пријавиле дека лице од истото село им ги побарал личните карти за да не можат да гласаат за надомест од по 1.000 денари. За овој случај било известено Основното јавно обвинителство и надлежен судија. Кај осомниченото лице и кај уште три лица полицијата пронашла списоци и пари.