Ременски обелодени манипулации со социјалните станови во изборни цели

Социјални станови се доделувале на луѓе од Пустец во Ресен, фантомски гласачи се впишувале на адреси на недоделени социјални станови, функционери на ВМРО-ДПМНЕ добивале социјални станови во Охрид…

Ова се само дел од нерегуларностите што ги спроведувало Министерството за труд и социјална политика и Министерството за транспорт и врски, под диригентската палка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обелодени, во среда министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска – Ременски.

Таа беше обвинувана дека ја кочи распределбата на социјалните станови во Прилеп, за што и денеска рече дека не е во нејзина надлежност, туку е во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

„Тоа е еден од предметите што го водиме во министерството, меѓутоа многу прашања треба да поставите и на друга адреса, како на министерот за транспорт и врски, којшто е исклучиво надлежен за за спроведување на постапката за распределба на социјалните станови. Бев обвинувана дека ги кочам. Станови коишто во изминатиот период, два дена по нашето разрешување во Собранието во првиот мандат беа распределени експресно. Ние го испитуваме како случај“, рече Ташевска-Ременски.

Таа нафрли и неколку други злоупотреби, како тоа дека гласачи од Пустец добиле станови во Ресен, луѓе коишто не исполнуваат критериуми за добивање социјален стан во Прилеп, веќе се корисници на социјални станови. Запишување на непостоечки фантомски гласачи на адреса на социјални станови коишто претходно не биле доделени. Доделување социјални станови на лица функционери на ВМРО-ДПМНЕ, коишто никогаш не ги користеле како станови, а најверојатно ги давале под закуп, на многу атрактивни локации, како Охрид.