
По 11-ти декември СДСМ најави дека веднаш ќе го продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство, но и дека ќе формираат специјални судски одделенија, за да се процесуираат предметите на СЈО.
Носителот на кандидатската листа на СДСМ во Изборната единица 1, Стево Пендаровски, на почетокот на изборната кампања, во понеделник, најави дека по изборната победа на 11-ти декември веднаш ќе го продолжат мандатот на СЈО, со што ќе им се овозможи доволно време за процесуирање на предметите кои произлегуваат од нелегално прислушувани телефонски разговори.
Најави дека и за таа намена во судовите ќе бидат формирани специјални судски одделенија кои ќе ги прифаќаат предметите од СЈО.
Тоа според него не претставува паралелен судски систем туку во законот постои можност за формирање на посебни одделенија, специјализирани за одредени предмети.
Пендаровски најави дека ќе направат реизбор на сите судии со цел на нивните места да се донесат судии кои ќе судат правично, а не по диктат на некоја политичка партија.





