СДСМ: Македонија на дното во регионот и Европа по странски директни инвестиции

Според релевантни економски истражувања Македонија се најде на дното во регионот и Европа по странски директни инвестиции, со промашените економски политики на привлекување странски инвестиции на Никола Груевски, смета СДСМ.

„Освен што исцедија милиони евра од Буџетот на Р.Македонија за субвенции и даночни олеснувања не донесоа никаков економски бенефит за граѓаните, за економијата и државата. Никола Груевски ги излажа граѓаните на Македонија за 8 милијарди евра инвестиции“, велат од партијата.

Велат дека таму каде што ветуваше Никола Груевски економски развој, вработувања и инвестиции денес има празни ливади, пустелии и раскопани земјишта.

„Оние што дојдоа, откако ги искористија милионите евра државна помош и даночни олеснувања, ги затворија погоните и ги оставија работниците на улица, а некои оставија и милионски долгови. Никола Груевски сакаше и криминалци да вдоми како странски инвеститори“, додаваат од партијата.

СДСМ има план странските инвестиции да ги привлекува преку стабилно деловно опкружување, независни професионални институции, квалификувана работна сила, високо ниво на демократска свест и ефикасен правен систем.